Достапни линкови

Се градат преработувачки капацитети во Кривогаштани


Индустриската зона во атарот на селото Славеј во Општина Кривогаштани се простира на околу 8 хектари, а слободен е уште само еден хектар. Се очекува вработување на најмалку 150 луѓе.

Во индустриската зона во атарот на селото Славеј, Општина Кривогаштани, започна изградба на преработувачки капацитет за замрзнат зеленчук и овошје што ќе се пласира исклучиво за извоз. Инвеститорот е жител на општината, според најавите, ќе вложи 1,5 милиони евра за изградба на фабриката на површина од околу 6.000 метри квадратни.

Тоа е многу добро за жителите односно земјоделците на Општина Кривогаштани, бидејќи самиот производ ќе може да го донесат во нашиот преработувачки капацитет, а при тоа нормално ќе може да постигнат повисока цена.
Рубин Благадуша, бизнисмен.

„До крајот на 2016 година, очекуваме на 1 септември, да се почне со работа, вработени значи некаде од 60 до 80, па и 100 што ќе зависи од потребата на самиот преработувачки капацитет. Тоа е многу добро за жителите односно земјоделците на Општина Кривогаштани, бидејќи самиот производ ќе може да го донесат во нашиот преработувачки капацитет, а при тоа нормално ќе може да постигнат повисока цена“, вели бизнисменот Рубин Благадуша.

Освен оваа, во тек е средувањето на техничката документација за изградба на краварска фарма. Во истата индустриска зона веќе работи фирмата „Кривогаштани промет“ која се занимава со преработка на пиперки и конзервирање на друг вид зеленчук. Во овие три капацитети, според најавата на инвеститорите, на почетокот ќе се вработат 150, а во иднина, со сезонската работа, таа бројка двојно ќе се зголеми. Вкупната инвестиција се проценува на 5 милиони евра. Оваа зона се простира на околу 8 хектари, а слободен е уште само еден хектар.

Во фаза на разработка е нова индустриска зона којашто ќе се протега во атарот на населеното место Славеј, веднаш спроти постоечката индустриска зона, со тоа што новата зона ќе биде на располагање со поголеми парцели, бидејќи странските инвеститори бараат една парцела да биде минимум 5 хектари.
Тони Заткоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.

„Во фаза на разработка е нова индустриска зона којашто ќе се протега во атарот на населеното место Славеј, веднаш спроти постоечката индустриска зона, со тоа што новата зона ќе биде на располагање со поголеми парцели, бидејќи странските инвеститори бараат една парцела да биде минимум 5 хектари. Според првичните информации ние ќе одиме со 4 такви парцели, односно таа зона би се простирала на околу 20 хектари. Во преговори сме со повеќе инвеститори, има заинтересирано инвеститори од Турција, фирма од Холандија, која сака да инвестира во објект за преработка на земјоделски производи“, вели Тони Заткоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.

Општината планира и изградба на еколошка зона којашто ќе се протега во атарот на селото Боротино, на површина од 5 хектари и ќе биде наменета за лесна, незагадувачка индустрија. Според Заткоски, Општина Кривогаштани е иницијатор за формирање земјоделски зони преку ЗЕЛС, па сите земјоделци, кои располагаат со сопствени фарми, механизација и производство на земјоделски производи ќе можат своите потреби да ги реализираат надвор од населените места.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG