Достапни линкови

Потребен заеднички одговор на мигрантската криза


Потребен е единствен, заеднички одговор за надминување на кризата со мигрантите, бидејќи ниту една земја нема капацитет сама да се справи со овој проблем, оценија денеска во Скопје македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и неговиот австриски колега Себастијан Курц, кој престојува во посета на Македонија. Курц посочи дека Австрија сака за бегалската криза да се разговара на конференцијата за Западен Балкан која ќе се одржи в четврток во Виена.

Регулирање на миграциските текови, причините за бегалската криза, вклучување на ФРОНТЕКС во справувањето со пограничните проблеми, создавање на заштитни тампон зони, како и подобрување на инфраструктурата на рутата на Западен Балкан се петте точки за кои Австрија сака да се разговара на конференцијата за Западен Балкан во Виена в четврток и на европскиот самит во октомври. Ова го најави австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц по денешната средба со неговиот колега и домаќин, Никола Поповски.

Во ЕУ создадовме систем без граници кој подразбира надворешните граници на ЕУ да се обезбедени, а сега се случува Грција да ги пропушта мигрантите кон Македонија што не е прифатливо. Затоа апелирам на поголема, зајакната соработка на ЕУ со Грција и на Грција со Македонија.

Курц истакна дека мигрантите треба што поправедно да се распределат во земјите од ЕУ и да се формираат заштитни зони кои би нуделе можност за поднесување барања за азил во самите држави од каде потекнуваат мигрантите.

„Со оваа моја денешна посета би сакал да придонесам и да го поттикнам Брисел да размислува да не ги остави Македонија и Србија сами со проблемот и да им помогне. Многу е проблематично што бегалци доаѓаат од држава на Европската унија, односно од Грција влегуваат во држава која не е членка на ЕУ. Во ЕУ создадовме систем без граници кој подразбира надворешните граници на ЕУ да се обезбедени, а сега се случува Грција да ги пропушта мигрантите кон Македонија што не е прифатливо. Затоа апелирам на поголема, зајакната соработка на ЕУ со Грција и на Грција со Македонија“, рече Курц.

Вкупно осумдесетина илјади евра по сите основи се влеани кај нас на ниво на помош за бегалската криза, главно преку ЕУ фондови за Црвениот крст. Тоа се трошоци кои веројатно на дневна основа се трошат во Македонија за ангажирање на сите ресурси, било да се тоа полициски, или за регистрација или, пак, за обезбедување на границата и нелегалните премини. Сумите кои би ни биле потребни би требало да бидат во милиони евра кои Македонија ги носи на свој грб за овој проблем кој има поголеми димензии.

Тој посочи дека во моментов е најважно Грција да ја зголеми контролата на своите граници, а не само да ги пропушта бегалците. Ниту една земја не може да ги затвори границите, но не треба ниту да ги пропушта сите бегалци, смета тој.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски не одговори дали Македонија повторно има намера да ја затвори границата кон Грција. Тој посочи дека за Македонија е најлесно да се пуштат мигрантите да поминат, но со тоа само се префрла топката, но тоа не е решение за проблемот за кој се потребни конкретни мерки. За ваквиот став Попоски додаде дека разговарал со неговиот српски колега Ивица Дачиќ, а наскоро очекува да има контакт и со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас. Поповски побара и финансиска помош од ЕУ и поголема соработка меѓу службите во размена на информации за контрола на границите и ангажирање на ФРОНТЕКС.

„Вкупно осумдесетина илјади евра по сите основи се влеани кај нас на ниво на помош за бегалската криза, главно преку ЕУ фондови за Црвениот крст. Тоа се трошоци кои веројатно на дневна основа се трошат во Македонија за ангажирање на сите ресурси, било да се тоа полициски, или за регистрација или, пак, за обезбедување на границата и нелегалните премини. Сумите кои би ни биле потребни би требало да бидат во милиони евра кои Македонија ги носи на свој грб за овој проблем кој има поголеми димензии“, рече Попоски.

За шокантните слики изминатите денови на границата меѓу Македонија и Грција кога полицијата употреби и шок бомби кон бегалците, Попоски смета дека неоправдано е доведена во прашање хуманоста на македонските граѓани, а Курц вели дека вакви слики има и во европските земји.

Кризата со бегалците е меѓу главните теми и на трилатералната средба на Министерот Поповски со неговите колеги од Бугарија и Албанија Даниел Митов и Дитмир Бушати.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG