Достапни линкови

САД и Турција ќе започнат опширни операции против ИД


Турција и САД наскоро ќе преземат „опширни“ воздушни напади за прогонување на борците на групата Исламска држава, од зони во северна Сирија, долж границата со Турција, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу. Разговорите меѓу Вашингтон и Анкара за деталите од овој план се завршени во неделата. Регионални сојузници што може да учествуваат во операциите се Саудиска Арабија, Катар и Јордан, како и Велика Британија и Франција.

„Техничките разговори завршија вчера и наскоро ќе започнеме со операцијата на опширни акции против ИД“, истакна Чавушоглу.

Според плановите САД и Турција ќе обезбедат воздушна заштита на умерените сириски бунтовници како дел од операциите, кои имаат за цел да ги потиснат борците на ИД од пограничната територија во должина од околу 80 километри. Американски авиони веќе почнаа со воздушни напади од турски бази. Според Чавушоглу воените операции против курдски борци од ПКК во Северен Ирак и Југоисточна Турција, каде Анкара веќе еден месец врши воздушни напади, ќе продолжат додека групата не го остави оружјето.

XS
SM
MD
LG