Достапни линкови

Мигрантите од Гевгелија пристигнуваат во Табановце


Околу илјадници мигранти денеска ја напуштија Гевгелија. Дел од нив веќе пристигнаа на граничниот премин Табановце. Од МВР информираат дека се прави пунк во близина на границата каде во иднина ќе се регистрираат мигрантите.

На дивиот премин на македонско-грчката граница денеска се пропуштија и последните стотина мигранти кои чекаа да влезат во земјава. Додека дел од мигрантите кои утрината тргнаа накај северната граница пристигнаа во Табановце. За тие што немаше место во возовите од Гевгелија се превезоа со такси или автобус. Мигрантите кои патуваа со такси и кои ги затекнавме пред граничниот премин со Србија велат дека за билет им наплатиле по 200 евра.

Претходно околу илјада мигранти кои чекаа на железничката станица во Гевгелија се упатија кон Табановце. Мигрантите вчера ја пробија бодликавата жица и полицискиот кордон на дивиот премин на македонско-грчката граница.

Од железничка станица информираат дека утрово во 5 часот и 30 минути кон Табановце заминал воз со околу 500 мигранти. Следниот воз кон Табановце, кој од Гевгелија тргна со мало задоцнување околу 10 часот и 30 минути го чекаа уште 700 мигранти. Нов воз од Гевгелија за Табановце ќе има денеска во 17 часот.

Од МВР соопштија дека во изминатото деноноќие издадени се потврди на 1210 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија, Ирак, Бангладеш и Пакистан. Според МВР, во текот на денот не се регистрирани никакви посериозни инциденти, иако од страна на соседна Грција, без никаква контрола, илегални мигранти се уште вршат притисок за влез во земјава.

Мигрантите кои синоќа беа превезени до Табановце со организиран превоз ја преминале границата. Се очекува попладне да стигнат и другите мигрантите кои утрината ја напуштија Гевгелија.

Транспортниот центар во Гевгелија сега е рачистен, но според проценка на претставниците од УНХЦР, голем е бројот на мигранти кои чекаат влез во земјава. Екипите на Црвениот крст вчера интервенирале околу 200 пати, а невладините организации поделиле повеќе од 2.000 пакети со храна и вода.

Во близина на дивиот премин на македонско-грчката граница се поставуваат шатори каде ќе може во иднина мигрантите да се регистрираат . На местото на поставување на пунктот е и министерот за внатрешни работи Митко Чавков. Тој вели дека Македонија ќе има хуман пристап кон проблемот и оти се во координација со грчката страна за справување со напливот на мигранти.

Според него, се решиле на ваков чекор бидејќи стратегијата за првично пропуштање на поранливите категории на македонска територија не наишла на одобрување кај мигрантите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG