Достапни линкови

logo-print

Шок бомби и жица меѓу мигрантите и Македонија


Во меѓуграничниот простор има илјадници бегалци, најмногу од нив од Сирија, сместени во импровизирани кампови, наседнати на и околу пругата. Меѓу бегалците и македонските полициски сили е поставена бодликава жица. Утрово полицијата употребила шок бомби.

Со бодликава жица, шок бомби, бројни полициски специјалци и војска, Македонија се справува со мигрантите кои се заглавени во меѓуграничната зона меѓу Македонија и Грција на грчка страна и кои се обидуваат да влезат во земјата. Јужната граница од вчера е затворена за мигрантите од кризните региони.

Во земјава се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата.

Дозволен влез само за ранливите категори мигранти

Во меѓуграничниот простор има илјадници бегалци, најмногу од нив од Сирија, сместени во импровизирани кампови, наседнати на и околу пругата. Меѓу бегалците и македонските полициски сили е поставена бодликава жица. Од МВР велат дека во земјава се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата.

Специјалната полицијата утрово употребила и шок бомби за да ги потиснaт мигрантите кои се обиделе да влезат од граничната зона во Македонија. Новинската агенција Ројтерс објави и видео снимка на која се гледаат и повредени бегалци со рани по телото.

И ние прашавме зошто го правите ова? Ние сме кутри луѓе, а тие ни велат мора да се вратите во Грција, границата е целосно затворена. И после три часа ни дојде мислам група војници и ние ги прашавме може ли да не пуштат и не пуштија, фала му на бога. Ќе одам во било која земја што ќе не прими, оти во нашата земја немаме живот.

„Пукаа кон нас, пукаа кон нас денеска, ги видов, ние бевме на првата линија пред полицајците, полицајците од Македонија пукаа кон луѓето“, вели еден од мигрантите на границата меѓу Македонија и Грција, за Ројтерс.

Од МВР велат дека се употребени шок бомби за да се сопре толпата мигранти која се обидела да го пробие полицискиот кордон.

На границата се распоредени и војници. Од Генералштабот на АРМ велат дека се распоредени потребен број на војници и опрема како што било побарано од нив. Засега војска има само на јужната граница.

Во текот на денот на пограничниот појас во посета беа и претставници на германска амбасада, се распрашуваа за состојбата со мигрантите.

Десетици мигранти чекаат воз во Гевгелија

Во меѓувреме од Железничката станица во Гевгелија група мигранти со воз се упатуваат кон Србија. За разлика од претходните денови кога железничката станица беше полна со илјадници мигранти кои се обидуваат да стигнат до Србија, па од таму до ЕУ, вчера и денеска има само по десетици луѓе. Стигнавме тука и страдањето започна, вели Сиријка што ја затекнавме на железничката станица во Гевгелија.

„Го чекавме возот, се одморавме, тогаш дојде полицијата и почнаа да не тераат да одиме во полициска станица, одбивме, почнавме да плачеме, плачевме многу, бевме гласни, многу гласни, викавме и тогаш полицијата не остави. Но потоа дојде поголема група полицајци. И ние прашавме зошто го правите ова? Ние сме кутри луѓе, а тие ни велат мора да се вратите во Грција, границата е целосно затворена. И после три часа ни дојде мислам група војници и ние ги прашавме може ли да не пуштат и не пуштија, фала му на бога. Ќе одам во која било земја што ќе не прими, оти во нашата земја немаме живот“, ни раскажа таа.

На железничката беше и Мухамад Абдул Салах од Сомалија.

„Имам многу проблеми, имав многу проблеми во Турција, што сме направиле“, прашува тој.

Железничкиот сообраќај е во прекин, оти мигрантите во пограничниот појас седат на пругата. Патниците кои патуваат со воз кон Атина се симнуваат во Гевгелија, па со автобус се превезуваат со најблиското грчко место од каде со воз продолжуваат кон Солун и Атина.

И во Табановце вчера и денеска нема наплив на мигранти, како во изминатиот период.

Српското МНР денеска препорача на своите граѓани да не одат на преминот Гевгелија-Идомени и да не се примаат мигранти во возила.

Од МВР велат дека за разлика од претходните денови кога им се издавале потврди за намера за барање азил на повеќе од илјада луѓе дневно, во последните 24 часа тој број е неколкукратно помал.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG