Достапни линкови

Мигрантската криза – Главна тема во дневниот печат


Гевгеличани се жалат од хаосот поради големиот број мигранти, а железничкиот сообраќај е пред колапс, пишуваат дневните весници.

Народот рекол, ако мечката не игра во твојот двор, не ја знаеш маката. Така и жителите на другите градови во земјава. Ако само прочитаат или слушнат за реките мигранти во Гевгелија, но маката ја имаат гевгеличани.

Железничкиот сообраќај е пред колапс поради мигрантската криза, од соседните земји се побарани дополнителни вагони, но сите одбиле да помогнат.

„Гевгеличани се жалат од мигрантите“, пишува Утрински, кој додава дека на средбата со градоначалникот, оние гевгеличани кои живеат во близина на железничката станица се жалеле на загрозената безбедност и нарушување на комуналната хигиена, и барале поефикасно присуство на полицијата. Утрински исто така информира дека „Железничкиот сообраќај е пред колапс поради мигрантската криза, од соседните земји се побарани дополнителни вагони, но сите одбиле да помогнат“. Весникот информира и дека „Автобусите од Гевгелија за Скопје се преполни со мигранти“.

Дневник пишува дека „За три дена над 3.600 лица побарале азил“, а Утрински дека „Грција ги носи мигрантите со траект до Солун, а оттаму со воз или автобус за Македонија“ и ја пренесува изјавата на српскиот премиер Вучиќ дека „Србија ќе изгради центар за мигранти“ и дека „ЕУ ќе ѝ даде на Србија над 3 милиони евра помош за прифаќање на мигрантите“.

Напредок само за избирачкиот список, специјалниот јавен обвинител ги кочи преговорите.

„Макпетрол среде судски лавиринт“, ја насловува Утрински информацијата во врска со блокирањето на сметката на Макпетрол и на Оилко.

Утрински го следи постодморското продолжување на преговорите за договорот од Пржино, па насловува: „Преговорите за изборната регулатива одат тешко“, а Вечер, пак, го следи, се чини, главниот проблем: специјалниот јавен обвинител. Па го напаѓа СДСМ и насловува: „Специјалниот јавен обвинител е малку, СДСМ сега бара паралелно Јавно обвинителство - листата на желби на СДСМ се проширува“.

Дневник пишува дека има „Напредок само за избирачкиот список, специјалниот јавен обвинител ги кочи преговорите“. Инаку власта продолжува со клиентелистичката политика: Слободен печат објави дека „Драгиша Милетиќ, претседател на Српската напредна странка во Македонија е вработен во ЕЛЕМ“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG