Достапни линкови

logo-print

Здравството одамна не е без „платно“


Здравството одамна не е бесплатно, велат дел од граѓаните. Во Македонија, за јавно здравство се издвојува околу 4,5 проценти од БДП. За здравството да биде целосно државно финасирано, потребни се уште 2 до 2,5 проценти, а за да се достигне тоа, државата треба да скрaти на непродуктивни трошоци, велат економистите.

Граѓаните во Македонија, од „свој џеб“ покриваат една третина од трошоците за лекување. Според податоците од Светската здравствена организација, ова е едно од највисоките нивоа во Европа и е двојно повисоко од светскиот просек, кој изнесува 18 проценти. Во Хрватска и Словенија, трошоците за лекување што се покриваат „приватно“ изнесуваат околу 13 отсто, додека во Франција, Англија и Америка, овие трошоци се околу 10 проценти.

Здравството не е бесплатно, за сè се плаќа. Секаде кадешто ќе влезеш, било да е во ординација на лекар, било во аптека, мора да дадеш пари.

Граѓаните се жалат дека македонското здравство одамна не е ниту бесплатно, ниту евтино и дека покрај тоа што Фондот за здравство покрива голем дел од трошоците кои се однесуваат на државните здравствени институции и тие одвојуваат од и онака испразнетиот џеб.

„Здравството не е бесплатно, за сè се плаќа. Секаде каде што ќе влезеш, било да е во ординација на лекар, било во аптека, мора да дадеш пари.“

„Јас кога одам на контрола најмалку 450 денари трошам, мислам дека здравството не е евтино.“

Ако денеска Македонија издвојува за јавно здравство колку што издвојувала во 1998, тоа ќе биде доволно за да здравството биде целосно јавно финансирано, т.е. луѓето да не плаќаат од свој џеб кога одат на доктор.

Граѓаните што ги анкетиравме сметаат дека и покрај тоа што позитивната листа на лекови е голема, таа не соодветствува на нивните вистински потреби.

„Многу се плаќа, се дава партиципација на лекови што слабо се користат, тие што масовно се користат дури и на рецепт не ги даваат.“

„За сè, за да си купиш лекови, да преглед, за снимање, за лабораторија“, велат анкетираните граѓани.

Според податоците на Светската здравствена организација, во Македонија, за јавно здравство се издвојува околу 4,5 проценти од БДП. Земјите од регионот како Србија, Хрватска, Словенија и БиХ издвојуваат околу 6 до 7 отсто, додека светскиот просек е 6 проценти.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека податоците од Светска здравствена организација само докажуваат дека Македонија за јавно здравство не издвојува доволно пари, иако има капацитет да го стори тоа.

„Потребни се некаде околу 2 до 2,5 од БДП, за да се направи ова. Ако се видат износите коишто се издвојувале за јавно здравство, низ годините во Македонија, може да се види дека во 1998 се издвојувале 6,5 проценти од БДП за јавно здравство, значи ако денеска Македонија издвојува за јавно здравство колку што издвојувала во 1998, тоа ќе биде доволно за да здравството биде целосно јавно финансирано, т.е. луѓето да не плаќаат од свој џеб кога одат на доктор“, вели Јовановиќ.

Тој објаснува дека парите може да се обезбедат или со мала даночна реформа или со кратење од непродуктивни трошоци.

„На пример ако се види колку пари се потрошени во Скопје 2014 во последниве години, трошени се околу 1 проценти од БДП, значи пола од процентите коишто се потребни за обезбедување на целосно јавно финансирано здравство може да се добие со откажување од тој проект, веројатно другата половина би можела да се обезбеди со кратење на други непродуктивни трошоци, еве од јавни набавки, реклами и слично“, вели Јовановиќ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG