Достапни линкови

Да не беа криумчарите, мигрантите ќе одеа преку Албанија


Василис Царцанис, активист кој им помага на мигрантите во Грција.

Василис Царцанис, активист кој им помага на мигрантите во Грција.

Ако мафијата, односно повеќе од 150 криумчари не живееја во вашата земја во изминативе 11 месеци, многу од бегалците немаше да одат по оваа рута, ќе одеа преку Албанија. Ако некој доаѓа во вашата земја, тоа е затоа што мафијата, криумчарите и трговците со луѓе кои 11 месеци живееја во вашата земја ги пренесуваа прво во Куманово, а потоа во Србија, вели грчкиот активист Василис Царцанис, кој им помага на мигрантите на границата со Македонија во интервју за Радио Слободна Европа.

Каков е досега резултатот од соработката меѓу грчките и македонските активисти во справувањето со бегалската криза?

Ние имаме заеднички проблем со патешествијата на бегалците и ако нашите земји не можат да соработуваат поради политика, ние нема да изнајдеме решение. Прво е потребно да се разбере заедничкиот проблем и тогаш ќе може квалитетно да соработуваме без разлика на политиката. На пример неодамна една жена, бегалка од Сирија, од меѓуграничната зона беше однесена во болница и се породи, роди две убави девојчиња. Откако бебињата наполнија 40 дена, таа тргна со нив кон границата, кон Европа. Јас ѝ пишав на Габриела Андреевска дека кон нив доаѓа Сиријка со две близначиња и дека треба да ѝ помогнат и 20-тина луѓе од Гевгелија кои беа крај железничката станица се организираа и помогнаа. Оваа е само еден од примерите како може да соработуваме и да им помогнеме на луѓето.

Очекувате нов бран на мигранти кон средината на септември, може да ни објасните на што ги базирате тие очекувања?

Вообичаено во месеците како септември и октомври, особено во регионот од Турција, каде што оперира мафијата и криумчарите, се намалува туристичката сезона, нема многу луѓе, па стартува периодот кога оперираат криумчарите и трговците со луѓе кои ги пренесуваат луѓето на грчките острови. Како што знаете, во Турција има повеќе од еден милион Сиријци, а ги знаеме сите проблемите на Турција со ИСИС и проблемите со Курдската работничка партија (ПКК) и обидите да најдат виновник во Европа и затоа ги избираат тие месеци како погодни за транзит. Ако на маса ги ставите и фактите дека сите соседи на Сирија како Либан, Јордан, па и Дубаи ги затворија границите за Сиријците, ние треба да очекуваме нови бегалци. Мислам дека сите ние треба да работиме заедно да им помогнеме, да не ги затвориме границите туку да им овозможиме транзит на овие луѓе. Ние треба да бидеме подготвени за голем број на мигранти. Јас веќе 11 месеци волонтирам во меѓуграничната зона и од тоа што го увидов, особено со сирискиот проблем, е дека има две работи што треба да се разберат, дека ако им се легализира патот на мигрантите, прво ќе имаме контрола кој влегува во нашата земја и од каде доаѓа, а второ мафијата ќе нема со што да се занимава ако е легално. Пред околу 10 месеци, во меѓузоната од бегалците слушнав дека патот од Гевгелија до Куманово ги чинел 1.500 евра, па ако некој сака да ѝ удри шамар на мафијата ќе го направи патот легален. Со тоа што го донесовте законот за транзит во рок од 72 часа, во меѓуграничниот премин нема ниту криумчари, ниту трговци со луѓе. Тоа е порака до сите, дека само со ред може да се среди мафијата.

Може ли да ни кажете колку голем бран треба да очекуваме, тука се зборува дека можно е да пристигнуваат од 4 до 10 илјади луѓе дневно, дали е тоа точно?

Околу 4 илјади е реална бројка. Но треба да знаете дека дел од нив ќе се раздвојат, некои ќе се обидат да преминат преку Италија, некои ќе се обидат преку Гевгелија да одат нагоре, а некои и преку Албанија. Така што, реално над илјада луѓе дневно ќе доаѓаат на границата. Ние треба да се обидеме да го решиме проблемот, но ова не е проблем на нашите две земји, ова е проблем на Европа, затоа што на овие луѓе крајна дестинација им е Европа. Европа треба да изнајде решение кое ќе нуди легален пат кој ќе ги одвои од мафијата и криумчарите.

Каква е моменталната ситуација во Грција, има ли премногу луѓе во меѓузоната коишто чекаат да ја минат границата?

Да, има многу луѓе, во околните села има стотици мигранти кои чекаат погоден момент за да ја поминат границата. Вашите полицајци се сега похумани, за разлика од претходно во изминативе 11 месеци, иако не може да се каже дека мнозинството од полицајците беа лоши, но имаше дел од нив коишто ги тепаа. Ни се случуваше во меѓузоната да се враќаат луѓе во полоша состојба отколку кога пристигнале во зоната. Тоа се луѓе коишто немаат никој и не заслужуваат таков третман.

Во Македонија дел од медиумите ја обвинуваат Грција за проблемот со мигрантите, дека со автобус ги испраќаат луѓето во нашата земја, дека сакаат да си го тргнат проблемот од својот грб. Како ги коментирате таквите обвинувања?

Зошто не је обвинуваат Турција? Луѓето од Сирија прво доаѓаат во Турција па заминуваат за Грција. Ако некој сака да покаже со прст кон виновникот нека започне од Турција затоа што таму мигрантите ги имаат првите средби со криумчарите и трговците со луѓе. Проблемот е што овие луѓе бегаат од војна, и Турција не може да ги задржи затоа што се премногу, исто така ни Грција не може да ги задржи, а ниту вашата земја, ниту Србија не може да ги задржи, а истото е со Унгарија. Значи проблемот не е во една земја. Замислете Европа да ја обвинува Шпанија затоа што луѓето од Африка бегаат во Шпанија, или да ја обвинуваат Италија што исто така луѓе од Африка, особено од Либија, мигрираат во Италија. Значи проблемот не е во Грција, ние не ги праќаме никаде, самите мигрираат. Дозволете ми да ви го кажам моето мислење, дека ако мафијата, односно повеќе од 150 криумчари не живееја во вашата земја во изминативе 11 месеци, многу од бегалците немаше да одат по оваа рута, ќе одеа преку Албанија. Ако некој доаѓа во вашата земја, тоа е затоа што мафијата, криумчарите и трговците со луѓе кои 11 месеци живееја во вашата земја ги пренесуваа прво во Куманово, а потоа во Србија. На крајот на краиштата мигрантите на оваа рута минуваат низ четири земји и мислам дека е крајно време мојата земја, вашата земја, Србија и Унгарија да седнат заедно на маса и да ја соочат Европа со нејзината одговорност кон овој проблем, затоа што ова е нејзин проблем, таа е главната дестинација за мигрантите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG