Достапни линкови

Бадијала договор ако нема политичка волја за спроведување


Ако нема искрена волја за спроведување на договореното и најдобриот договор за изборното законодавство нема да ги реши проблемите.

Партиите може да договорат какво било законско решение за изборното законодавство, но ако нема политичка волја за спроведување, тоа ќе остане само на хартија, согласни се аналитичарите со кои разговаравме. Договореното може да се спроведе само ако постои искрена волја или, пак, меѓународен мониторинг.

Доколку политичките партии се усогласат за да донесат такво изборно законодавство и потоа го поддржат кај своето членство и воопшто во државата, ќе може да се спроведува, но доколку не, повторно ќе се навраќаме на прашања коишто веќе долго го тиштат македонското општество, а тоа е дека имаме закони коишто се со знаменце на ЕУ и коишто по сите стандарди се хармонизирани со законодавството на ЕУ, а од друга страна државата сè повеќе и повеќе тоне.

Работните групи од четирите најголеми политички партии - ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, разговараат за низа теми договорени во Пржино, меѓу кои голем дел се однесуваат на изборите и изборното законодавство – изборниот законик, избирачкиот список, ДИК и гласањето на дијаспората.

Универзитетскиот професор Никола Дујоски вели дека времето е кратко, а треба да се направат сериозни промени.

Ние денеска може да направиме најдобри решенија, но како ќе бидат спроведени. Неопходен е еден мониторинг, можеби од меѓународни фактори, еден вид набљудување на сето тоа што се случува.

„Да се ограничи какво било гласање на луѓе кои не се со постојано живеалиште во Република Македонија, не само од Пустец, има и многу други. Градовите во источна Македонија немаат толку жители колку што има излезени избирачи на денот на изборите. Тоа се сериозни прашања на коишто мора сериозно да им се пристапи. На Македонија не ѝ е потребно ништо друго освен професионална Државна изборна комисија. Тоа со партиите и како тие одлучуваат внатре и како се поставуваат луѓето веќе видовме како функционира или не функционира. Друго прашање е дали ќе најдат професионалци кои ќе сакаат да се занимаваат со тоа“, вели тој.

Сепак, Дујоски посочува дека ако не постои политичка волја, ниту еден закон нема да се применува.

„Доколку политичките партии се усогласат за да донесат такво изборно законодавство и потоа го поддржат кај своето членство и воопшто во државата, ќе може да се спроведува, но доколку не, повторно ќе се навраќаме на прашања коишто веќе долго го тиштат македонското општество, а тоа е дека имаме закони коишто се со знаменце на ЕУ и коишто по сите стандарди се хармонизирани со законодавството на ЕУ, а од друга страна државата сè повеќе и повеќе тоне, не само во делот на законодавството, туку во делот на неговата примена“, вели Дујоски.

Професор Нано Ружин вели дека избирачкиот список би можел да се прочисти со директно пријавување на граѓаните. Во однос на гласањето од дијаспората, тој предлага да има праг на гласови кои би морало да ги освои одреден кандидат за да стане пратеник за да не се повтори ситуацијата кога пратениците од дијаспората се избрани со неколку стотини гласови, за разлика од пратениците во Македонија за кои се потребни најмалку 7-8 илјади гласови. Сепак, тој признава дека постои проблем во расчекорот меѓу законите и праксата.

„Ние денеска може да направиме најдобри решенија, но како ќе бидат спроведени. Неопходен е еден мониторинг, можеби од меѓународни фактори, еден вид набљудување на сето тоа што се случува“, вели Ружин.

И власта и опозицијата постојано ја нагласуваат својата посветеност на договорот од Пржино, но истакнуваат дека другата страна е таа што го кочи проектот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG