Достапни линкови

Неделен печат - Ќелии на ИСИС во Македонија


Република и Глобус објавуваат анализи за полициската операција „Ќелија“ во која беа уапсени осомничени исламисти, а Фокус прави профил на обвинителката Гордана Гешковска.

Република - Зошто СДСМ нема став за ʼЌелијаʻ?

Доколку СДСМ се согласува со нивните изјави, тогаш граѓаните, без разлика на политичката, етничката и верската припадност, треба да се прашаат кој ќе ги штити пред заканите од ИСИС од октомври до април.
Република.

Покрај повеќето теми за настани надвор од границите на Република Македонија, Република наоѓа место и за текст во кој прашува „Зошто СДСМ нема став за ʼЌелијаʻ?“ Имено, констатирајќи во наднасловот дека партиската агенда се ставала пред безбедноста, Република потсетува дека СДСМ за два месеца го презема МВР, ресор за кој се борел со години, а веќе, како што пишува, „десет дена нема став за разбивањето на терористичката ќелија поврзана со ИСИС“. Неделникот забележува што наместо партијата, анализирале Рамадани, Мисини, Биљали и другите, како што ги нарекува, ʼпоткованиʻ сателити, па оди со завршниот заклучок дека „доколку СДСМ се согласува со нивните изјави, тогаш граѓаните, без разлика на политичката, етничката и верската припадност, треба да се прашаат кој ќе ги штити пред заканите од ИСИС од октомври до април“.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Глобус - Акцијата наречена ʼЌелијаʻ е покритие за нискиот рејтинг на власта

Апсењето од средината на минатата недела има за цел од луѓето да направи овци за лесно да го сврти нивното внимание од реалната криза, а да го маскира криминалот спакуван во патриотска амбалажа.
Глобус.

Со сосема спротивен став настапува Глобус, кој во насловот тврди дека „Акцијата наречена ʼЌелијаʻ е покритие за нискиот рејтинг на власта“. Он-лајн неделникот ова го поткрепува со коментарите на аналитичарите дека „апсењето од средината на минатата недела има за цел од луѓето да направи овци за лесно да го сврти нивното внимание од реалната криза, а да го маскира криминалот спакуван во патриотска амбалажа“. Притоа Глобус го цитира и Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање, кој вели дека „полициската акција насочена кон апсење на лица осомничени за логистика и учество во борбите на Блискиот Исток на страна на ИСИС е премногу задоцнета... Законот го донесовме последни во регионов, наши државјани беа уапсени во повеќе земји, а нашите служби не реагираа“. Пивоваров потсетува и дека поглаварот на ИВЗ јавно укажувал дека во некои скопски џамии се регрутираат лица кои заминуваат на Блискиот Исток, а дека МВР дало несериозен одговор дека не е надлежно да ги контролира џамиите.

Фокус - Обвинителка по ќеф на Фамилијата

Фокус прави портрет на Гордана Гешковска, под наслов: „Обвинителка по ќеф на Фамилијата“, при што наведува дека анализирајќи ги поголемите предмети зад кои стои името на актуелната скопска јавна обвинителка се добива впечаток дека Гешковска напредувала во кариерата иако дел од предметите ѝ паѓале како круши, односно не добивале зелено светло од Апелација. Сега, пишува Фокус, таа е исправена пред нов предизвик, дали да ги гони тие што ја „искачија“ на врвот! Фокус потсетува дека браќата Миладинови ја обвинуват за корумпираност, дека Гешковска му ја „сплете“ пајажината на Рамковски, а дека откако почна да го пишува обвинението за убиствата кај Смилковско Eзеро, односно за случајот „Монструм“, Гешковска деноноќно ја чува полициско обезбедување.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG