Достапни линкови

Охридскиот договор - ничие дете


Некоја нормална држава од Охридскиот договор би направила бренд, а ние се срамиме од него. Тоа зборува за ниската политичка култура, вели еден од креаторите на договорот Љубомир Фрчкоски.

Рамковниот договор, 14 години по потпишувањето, покажува дека е успешна приказна за која политичките елити се свесни, но се резервирани кон него од политички причини, велат аналитичарите.

Некоја нормална држава од тоа ќе направи теорија, дека тоа е успешна институција, државата е способна кога може да изроди таков договор, ќе се фали со него, од него ќе направи бренд, ние се срамиме од него како од копиле во фамилијата. Тоа зборува за ниската политичка култура.
Љубомир Фрчкоски, универзитетски професор.

Еден од креаторите на договорот, универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, вели дека Охридскиот рамковен договор е пример за успешен договор. За таа негова оценка наведува неколку аргументи – ја гради, а не ја разградува државата, етничките права не ги поврзува со територијални права со што се задржува унитарниот карактер на државата, а се враќа мирот и се зголемуваат културните права на заедниците.

„Некоја нормална држава од тоа ќе направи теорија, дека тоа е успешна институција, државата е способна кога може да изроди таков договор, ќе се фали со него, од него ќе направи бренд, ние се срамиме од него како од копиле во фамилијата. Тоа зборува за ниската политичка култура“, вели Фрчкоски.

Овој однос, со доза на резерва, па дури и би рекол одбојност, се користи пред сè од одредени политички структури, тука пред сè мислам на ВМРО-ДПМНЕ од причина што сметаат дека со тоа губат поени кај македонското гласачко тело.
Насер Зибери, поранешен пратеник.

Поранешниот пратеник Насер Зибери, кој исто така учествуваше во донесувањето на Охридскиот договор, вели дека пред 14 години договорот, и покрај резервираноста, бил сфаќан многу посериозно и од граѓаните и од политичките елити. Партиите на договорот сега гледаат како на инструмент за остварување на тесно партиските интереси, а граѓаните се незадоволни од изневерените очекувања, вели тој.

„Овој однос, со доза на резерва, па дури и би рекол одбојност, се користи пред сè од одредени политички структури, тука пред сè мислам на ВМРО-ДПМНЕ од причина што сметаат дека со тоа губат поени кај македонското гласачко тело“, вели Зибери.

Фрчкоски, пак, посочува дека и по 14 години од потпишувањето, нема сериозни политички анализи за ефектите од договорот.

„Никој не успеал да анализира каква врска имаат решенијата за јазикот, кои највеќе беа напаѓани како најкапитулантски да речеме или најпопустливи кон Албанците, како се надоврзуваат прво на Уставот од 1974, но уште повеќе и уште поважно на револуционерните акти на првата револуционерна генерација на ВМРО од Разловечкото востание и од Уставот на Македонскиот востанички комитет. И двата документа содржат порадикални решенија за употреба на, како што го нарекувале тогаш, арнаутскиот јазик во државата за која востаниците се бореле. Признавале дури 4 или 5 официјални јазици, меѓу кои и арнаутскиот, а не само македонскиот“, вели Фрчкоски.

Рамковниот договор беше потпишан на 13 август 2001 година од лидерите на четирите тогашни најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПДП и ДПА, Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Имер Имери и Арбен Џафери, како и од претседателот Борис Трајковски. Како гаранти на договорот од меѓународната заедница се потпишани претставниците на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG