Достапни линкови

Можен вооружен конфликт во Европа


Подигнувањето на нивото и зголемувањето на бројот на воени вежби на НАТО и на Русија ја прават многу веројатна можноста од избувнување вооружен конфликт во Европа. Ова е заклучокот на студијата која годинава беше спроведена од Европската мрежа за лидерство со седиште во Лондон.

Директорот на оваа организација Јан Кеарнс изјави дека воените игри предизвикуваат клима на недоверба која може да стане жариште на многу блиски средби меѓу војските на НАТО и на Русија.

Кеарнс е еден од коавторите на студијата која детално испитува две воени вежби што годинава беа одржани од Русија и од Северноатлантската алијанса.

„Русија се подготвува на војна со НАТО. Исто така и Алијансата се подготвува на можна конфронтација со Русија“, вели тој.

Историјата е полна со примери на лидери кои мислат дека можат да ја задржат контролата на настаните, но настаните имаат навика да се одвиваат според сопствена динамика и интензитет.

Во студијата се прецизира дека воените вежби можат да предизвикаат несигурност и да го зголемат ризикот за опасни воени средби.

Односите меѓу Русија и Западот се длабоко замрзнати од руската анексија на Крим од Украина во минатата година.

Конфликтот во источниот дел на Украина со проруските бунтовници го натераа НАТО да формира командни единици во земјите од источна Европа.

Во исто време Русија ги насочи нејзините воени цели против Алијансата која Москва ја обвинува за приближување до руските граници.

Во најновата студија се наведува дека НАТО само годинава планира да одржи 270 воени вежби.

Од друга страна, како што се додава, Русија веќе најавила 4 илјади вежби на сите армиски нивоа.

Во руските вежби одржани во март годинава беа вклучени 80 илјади луѓе.

За вежбите на НАТО под името „Сојузнички штит“ пред два месеца пак, биле мобилизирани 15 илјади луѓе од 19 членки на Алијансата и од три партнерски земји.

Во истражувањето се посочува дека НАТО и Русија би требало подобро да комуницираат околу плановите за одржување на вежбите со цел да го намалат ризикот од инциденти.

Притоа се препорачува во граничните региони да се спроведуваат само помали вежби.

Од досега одржаните, но и од оние планираните, според студијата, можат да се видат гледиштата на двете страни за тоа кои се нивните најранливи точки.

За НАТО тоа се Полска и Балтичките земји, додека за Русија тоа се Крим, граничните региони со членките на НАТО, Естонија и Летонија и Арктикот.

Европската мрежа за лидерство нуди неколку идеи како обид за смирување на тензиите.

Главно им се советува на владите да ја испитаат потребата за поголема воздржаност во големината и сценарија за идните вежби.

„Историјата е полна со примери на лидери кои мислат дека можат да ја задржат контролата на настаните, но настаните имаат навика да се одвиваат според сопствена динамика и интензитет“, предупредува Јан Кеарнс, директор на Европската мрежа за лидерство со седиште во Лондон.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG