Достапни линкови

Смена на функционери за консолидирање на власта


Архивска фотографија - Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на заедничка прес-конференција со директорот на УЈП Горан Трајковски.
Архивска фотографија - Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на заедничка прес-конференција со директорот на УЈП Горан Трајковски.

Со менувањето на функционери кои беа компромитирани со опозициските „бомби“, власта се обидува да привлече симпатии кај граѓаните.

Владата распиша оглас за нов директор на УЈП. Дали на актуелниот директор Горан Трајковски му изминал мандатот и дали повторно ќе се кандидира на функцијата не успеавме да дознаеме, бидејќи не ни одговорија на повиците од секторот за односи со јавност во Управата. Трајковски важи за близок човек до власта, а беше дел и од таканаречените бомби на опозицијата.

Претходно, министерот за информатичко општество Иво Ивановски најави оставка и од септември ќе работи во приватна меѓународна компанија. Смена имаше и на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и на првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.

Едноставно сега во моментов ВМРО-ДПМНЕ прави потези кои требаше да ги направи во декември или најдоцна во јануари, а сега тие се задоцнети и претставуваат само мачкање на очи во јавноста.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Професор Мирјана Најчевска вели дека е очекувано кога во јавноста преку скандалот со прислушувањето беа изнесени информации дека луѓе од владејачката структура манифестирале прекршување на законите нивната партија да се обиде да се консолидира. Но, сега, промените, според неа, се бесмислени, бидејќи е започнат друг процес по договорот од Пржино за решавање на политичката криза.

„Едноставно сега во моментов ВМРО-ДПМНЕ прави потези кои требаше да ги направи во декември или најдоцна во јануари, а сега тие се задоцнети и претставуваат само мачкање на очи во јавноста дека постои капацитет во партијата да направи внатрешни промени со кои би одговорила на манифестираните проблеми“, вели Најчевска.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека сите промени укажуваат на тоа дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да направи расчистување во своите редови, односно кадри кои негативно беа експонирани во јавноста.

„Но, тоа е обид кој според нив, би требало да ја зајакне партијата. Проблемот е во самиот врв. Дали самиот врв ќе има сила да направи таков пресврт и да мисли за доброто на партијата и за нејзината иднина. Овие обиди во суштина сепак носат некои позитивни поени“, вели Демири.

Но, како што додава Демири, таквите промени нема да имаат ефект и полза доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски не се повлече од функцијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG