Достапни линкови

Чести нарушувања на безбедноста во Куманово


Секојдневните истрели од огнено оружје, убиства, сообраќаен метеж, како и отсуство на полицијата, се главните причини за небезбедноста во Куманово, тврдат граѓаните.

И пред 9-ти и 10-ти мај кога се случи вооружен инцидент со човечки жртви, а особено потоа, кумановци генерално не се чувствуваат безбедни. Од запрашаните, а и во обичните разговори не се споменува нарушување на меѓуетничките односи, но секојдневните истрели од огнено оружје, убиства, сообраќаен метеж, првенствено поради непочитување на сообраќајните прописи за еднонасочно возење по централните сообраќајници, како и отсуство на полицијата, се главните причини за небезбедноста.

Стана секојдневие, како да не го регистрираме. Пречи, да, ама тоа треба да го регулираат локалните власти и државата. Сите сме претпазливи, но не се изненадуваме. Стана секојдневие.
Анкетиран граѓанин.

Во кумановската болница лекарите велат дека сè повеќе интервенираат на повредени со прострелни рани од огнено оружје, или во сообраќајни незгоди, отколку со редовни оперативни зафати.

Запрашаните кумановци велат дека најповеќе стравуваат за нивните деца.

„Не се чувствувам безбедно и секоја вечер се плашам за моите возрасни деца. И пред тоа, ама после 9-ти мај особено. Сообраќаен метеж во центарот нон-стоп има, се паркира кој како сака, се вози со несоодветна брзина.“

РСЕ: Пукања слушате?

Нарушување на јавниот ред и мир, слушање пукотници во доцните вечерни или во раните утрински часови, почнувајќи од случката во Дива населба каде што се слушаа рафални истрели, а официјалниот став на МВР дека се испукани петарди, наведува на тоа дека полицијата не ја извршува својата работа.
Максим Димитриевски, претседател на Совет на Општина Куманово.

„Од време на време слушаме, а дали се петарди, свадби или убиства!“

„Како безбедно? Не се плашиме, ама како да ви кажам, Владата треба да ги среди тие работи.“

„Нема зошто да се плашам, никому не сум сторил ништо, а и никому не должам ништо.“

За многумина кумановци она што не е нормално, станува вообичаено.

„Стана секојдневие, како да не го регистрираме. Пречи, да, ама тоа треба да го регулираат локалните власти и државата. Сите сме претпазливи, но не се изненадуваме. Стана секојдневие.“

Максим Димитриевски претседател на општинскиот Совет смета дека безбедносната состојба е релативно стабилна. Меѓутоа, од областа на секојдневните обврски на припадниците на МВР тој вели дека состојбата делумно е надвор од контрола.

„Нарушување на јавниот ред и мир, слушање пукотници во доцните вечерни или во раните утрински часови, почнувајќи од случката во Дива населба каде што се слушаа рафални истрели, а официјалниот став на МВР дека се испукани петарди, и дека за тоа се поднесена прекршочна пријава против лице за нарушување на јавниот ред и мир, наведува на тоа дека полицијата не ја извршува својата работа.“

Димитриевски е дециден дека е неопходно сериозно да се сфати состојбата и соодветно да се однесуваат надлежните особено што околу 120 илјади жители се вознемирени по мајските случувања. Според него недозволиво е некој на приватна забава да употребува огненострелно оружје или било каков тип пиротехнички материјал и со тоа да ја загрозува безбедноста и животите на другите граѓани.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG