Достапни линкови

Бизарни кражби низ битолските села


Мета на крадците се повратниците од странство, напуштените викендици, а откопувале дури и гробови по потрага по злато.

Прво се крадеше покуќнина од напуштените викендици, живина, па и гулаби. Во последно време мета на арамиите станаа повратници со странска пензија. Крадците отвораат дури и гробови на покојници во потрага по злато во вредност од неколку илјади денари. Вакви кражби се случуваат летниве месеци низ селата во битолско. Нема официјална бројка колку кражби се извршени, но жителите се жалат дека се чувствуваат несигурно зашто нема реонски полицајци како порано.

Цело село е исплашено. Разбојникот влегол низ прозорецот во собата каде што спиел татко ми и се упатил во другите соби да најде пари.

Најаларматен беше случајот кога 78 годишниот Павле Трајчевски, повратник од Америка беше претепан до смрт во семејната куќа во село Ротино за 22 илјади денари. Неколку дена по нападот старецот почина.

„Беше здрав човек, имаше 78 години. Можеше да умре од природна смрт, а не да биде претепан“, вели неговата ќерка Валентина Јошевска. Синот на претепниот Трајчевски, Душко Трајчевски вели дека станува збор за лоши луѓе, арамии.

Почнаа да копат гробови. Ова е катастрофа.

„Цело село е исплашено. Разбојникот влегол низ прозорецот во собата каде што спиел татко ми и се упатил во другите соби да најде пари. Во една од собите било затворено кучето и многу лаело, па го разбудило татко ми. Кога станал разбојникот со дрво го удирал по главата, рацете и градите“.

Во постпелистерските села и претходно се ограбувале повратници со странски пензии. Диме Димовски од Трново раскажува дека ова му се случило на истиот човек пред пет години.

„Му влегоа дома и му украдоа 5.000 долари“, вели Димовски.

Сепак, најбизарната кражба се случи во планинското село Лавци каде непознат сторител го осквернави гробот на Дијана Димовска почината во 1999 година на 25 годишна возраст. Вандалот ја скршил надгробната плоча, ги ископал посмртните остатоци и украл злато во вредност од 15 илјади денари. Настанот ги вознемири соседите.

„Почнаа да копат гробови. Ова е катастрофа. Девојката беше погребана во бел фустан како невеста, беше младо девојче закопано, а арамијата велат барал злато“, вели Љубица Петровска од Лавци.

Од битолската полиција соопштија дека фатени се крадците кои го претепаа старецот во Ротино и изречени им се кривични пријави. Во изминатиот период уапсиле и други арамии кои правеле кражби низ селата, посебно во селските цркви и викендиците.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG