Достапни линкови

Скептицизам во посветеноста кон договорот од Пржино


Роковите до април се кратки и политичките партии ќе треба интензивно да работат и да се заложат за имплементирање на договорот од Пржино, велат аналитичарите.

Дали по двонеделниот одмор работната група ќе има сили навреме да го имплементира во пракса договорот од Пржино за излез од политичката криза? Ова прашање се почесто внесува сомнеж во јавноста. Меѓу политичарите кои поексплицитно внесоа недовербата дека ќе се запазат роковите е Мендух Тачи од ДПА кој вчера изјави дека не верува дека договорот ќе се реализира навреме.

Голем проблем на сето ова ќе бидат рововските борби кои ќе се водат на секоја најмала поента и кои дополнително ќе ги одолговлекуваат процесите. Време нема и треба што поскоро на тие работи да се работи сериозно.
Здравко Савески, универзитетски професор.

По паузата и дел од аналитичарите се скептици дека ќе тргне нешто на подобро. Здравко Савески смета дека роковите до април се кратки и побара политичките партии интензивно да работат и да се заложат за имплементирање на договорот од Пржино. Јасно е дека во овој период на летни одмори не можеше да се очекува големо поместување, но тоа не значи дека периодот по 17 август не може да биде искористен ефикасно, вели Савески.

„Голем проблем на сето ова ќе бидат рововските борби кои ќе се водат на секоја најмала поента и кои дополнително ќе ги одолговлекуваат процесите. Време нема и треба што поскоро на тие работи да се работи сериозно“, вели Савески.

Ќе има некои затегнувања во суштина да не се инплемeнтира онака како што договорено, затоа што дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ не се заинтересирани до тоа да дојде и ќе се воспоставуваат технички грешки и концептуални пречки од типот овој не дошол тој отишол и слично и така ќе оди тоа.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Аналитичарот Алајдин Демири оценува дека ако се продолжи да се работи според начинот на кој почна работната група, сė што е договорено во двата документа во Пржино, но и се поврзано со забелешките на Прибе ќе се реализира со импровизации.

Тој се сомнева дека политичарите имаат желба да го реализираат договорот од Пржино, туку дека тоа повеќе ќе се прави под притисок на меѓународната заедница. Според него целата ситуација со одолговлекувањето на договарањето повеќе им одговора на владејачките партии.

„Ќе има некои затегнувања во суштина да не се инплемeнтира онака како што договорено, затоа што дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ не се заинтересирани до тоа да дојде и ќе се воспоставуваат технички грешки и концептуални пречки од типот овој не дошол тој отишол и слично и така ќе оди тоа“, вели Демири.

На досегашните средби работната група единствено посуштински разговараше за Избирачкиот список, а многуте прашања кои треба да се решат треба да бидат ставени на маса по одморот. Изборите се договорени за во април, а треба да решат многу работи, односно сè што е содржано во извештајот на експертот Прибе, меѓу кои и слободата на медиумите, правосудството, службите за безбедност, изборните проблеми.

Според експертите најкритични прашања од политичкиот договор е именувањето на јавен обвинител и сменувањето на неколку министри.

„Во однос на се може да испадне голем проблем, особено на крупните работи како специјалниот јавен обвинител и надлежностите на министрите кои ќе бидат вклучени во новата влада“, вели Савески.

Во договорот од 15 јули се наведува дека до 15 септември ќе има нов специјален јавен обвинител со целосна автономија да води истраги што се во врска и што произлегуваат од прислушувањето на комуникациите.

Исто така под силно меѓународно посредство, се постигна договорот според кој ќе се сменат неколку министри, а Груевски треба да си поднесе оставка три месеци пред изборите.

По паузата работната група треба да продолжи со работа на 17-ти август.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG