Достапни линкови

Бакрачески се фали со успех, опозицијата обвинува за слаба туристичка сезона


Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески тврди дека ова е една од најуспешните туристички сезони годинава. Опозицијата, пак, тврди дека не е така.

Изјавата на охридскиот градоначалник Никола Бакрачески според кого оваа туристичка сезона била најуспешна во споредба со последните десеттина години не соодветствува со реалноста, велат од СДСМ Охрид. Бакрачески, пак, очекува трендот на зголемување на бројот на гости да се движи во нагорна линија и дека бројот на туристи кои во наредниот период во еден момент престојуваат во Охрид ќе расте.

Она што е посебно за радување е што времето во Охрид за разлика од минатите две-три години е одлично и доликува на лето и сето тоа е еден од факторите да имаме една од најуспешните сезони.

„Она што е посебно за радување е што времето во Охрид за разлика од минатите две-три години е одлично и доликува на лето и сето тоа е еден од факторите да имаме една од најуспешните сезони оваа година. Доминира бројот на странски гости кои престојуваат тука и тоа првенствено од Холандија, Белгија, Турција, Србија, Бугарија и Полска, а се зголемува и бројот на држави од каде доаѓаат гости и го посетуваат Охрид“, рече Бакрачески.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Претседателот на СДСМ Охрид, Томислав Тунтев, вели дека очајни биле обидите на локалните власти да ја убедат јавноста дека оваа била најуспешна туристичка сезона.

Годинашната летна сезона ни оддалеку не е најуспешната туристичка сезона во Охрид ниту во последните десет или педесет години, ниту по бројот на остварени ноќевања во изминатиот период, ниту по бројот на домашни и странски гости.

„Годинашната летна сезона ни оддалеку не е најуспешната туристичка сезона во Охрид ниту во последните десет или педесет години, ниту по бројот на остварени ноќевања во изминатиот период, ниту по бројот на домашни и странски гости. За време на Илинденските празници во Охрид имаше силен наплив на домашни гости, но причина за зголемениот број на гости беа високите температури убавото време и продолжениот викенд. Затоа крајно несериозен и провиден е обидот на локалната власт сосема незаслужено себеси да си ги препише заслугите за зголемениот број на туристи“, вели Тунтев.

Тој посочува дека Охрид ова лето се соочил со недостиг на паркинг простор, хаос во одвивање на сообраќајот, бучавост во ноќните часови, непочитување на работното време на угостителски објекти и излевање на фекалии во Охридското Езеро поради дефект на колекторот кај Горица.

Бакрачески, пак, вели дека голем удел во успешноста на сезоната имаат силните агресивни и промотивни маркетинг активности кои ги спровела локалната самоуправа во изминатите две години, а кои ќе продолжеле тековно, како и воспоставувањето на директните авио-линии од Базел и Лутон до Охрид и обратно.

XS
SM
MD
LG