Достапни линкови

Поплавите во тетовско и Пуч – главни теми во весниците


Невремето во тетовско кое досега однесе пет жртви е главна тема во сите дневни весници. Почетокот на судењето во случајот Пуч исто така најде место на насловните страници на весниците.

Трагедијата во тетовското село Шипковица им ја даде на печатените медиуми главната тема во изминативе неколку дена, заедно со недоброј фотографии од погоденото подрачје. „Шипковица - Спасувачите трагаат по шестгодишното девојче под урнатините“ и „Шара се истури врз Полог“ - се само некои од насловите во Утрински.

Шипковица - Спасувачите трагаат по шестгодишното девојче под урнатините.

„Хорор во петнаесет минути - се споија небо и земја над тетовските села“ - информира Вечер.

Нова Македонија ја разработува темата: „Катастрофата ја направија луѓето - човечкиот фактор и негрижата се клучните причини за катастрофалните последици од поплавите во тетовско“, оди со наслов весникот.

И Дневник поентата ја става на тоа дека „Се плати данок на неконтролираната сеча на шумите на Шара“.

Слободен печат поинаку го формулира проблемот: „Власта ги обвини граѓаните за трагедијата. Локалната самоуправа сè уште не излезе со официјален став за ваквите катастрофални последици, а од Центарот за управување со кризи вината ја префрлија врз граѓаните и нивната негрижа за околината“.

„Заев не дојде на судењето за ʼПучʻ - Судијката Љубинка Башеска најави дека доколку лидерот на СДСМ не се појави и на следното рочиште на 7 септември, ќе побара негово полициско приведување“. Овој наслов на Утрински може да биде заеднички именител на информирањето на весниците за недоаѓањето на Заев во судницата, кој инаку пред некое време изјави дека нема да се појавува на рочиштата затоа што не ги признава судовите кои се под контрола на власта.

Случајот ʼПучʻ ќе го чека специјалниот обвинител?

Вечер оди со наслов: „Ако крадеш струја 5 години затвор, ако си Заев - 5 години толеранција!“ додавајќи дека Заев и неговиот тим го одолговлекуваат процесот и се надеваат дека предметот ќе го преземе специјалниот јавен обвинител, според политичкиот договор од Пржино.

Слободен печат со слично навестување, но со прашалник во насловот: „Случајот ʼПучʻ ќе го чека специјалниот обвинител?“

Вечер деновиве со остар напад врз, како што ги нарекува „Соросоидите“: „Политичкото подземје демаскирано - Соросоидите сами себе се основаат и глумат невладин сектор“. Весникот ги наведува речиси сите најекспонирани членови на СДСМ, новинари и невладини организации кои во изминатиов период остро ја критикуваат власта на Груевски.

Некако неекспонирано, од Дневник и од Вечер дознаваме дека МВР спроведува „Голема антитерористичка акција - се апсат припадници на ИСИЛ во неколку градови во земјава, во Скопје, Струга, Куманово, Тетово и во Гостивар“. МВР подоцна ќе објавело подетална информација за акцијата.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG