Достапни линкови

Седумдесет години од атомската бомба врз Хирошима


Граѓаните на јапонскиот град Хирошима денеска ја одбележуваат 70-годишнината од фрлањето на атомската бомба врз нивниот град. Сеќавањето на катастрофалните последици од тоа бомбардирање, како и она што следуваше врз Нагасаки, уште една можност за апел за забрана на нуклеарното оружје во светот.

Во 8 часот и 15 минути, точно кога бомбата експлодира на 6 август 1945 година, граѓаните на Хирошима со молчење го проследија традиционалното одѕвонување на Ѕвонот на мирот.

Атомското бомбардирање врз Хирошима во кое до крајот на 1945 година загинаа 140 илјади луѓе беше проследено со уште едно на 9 август врз Нагасаки во кое беа убиени 40 илјади луѓе.

Втората светска војна заврши на 15 август со безусловна капитулација на Јапонија.

Градоначалникот на Хирошима Касуми Мацуи побара атомското оружје да биде укинато.

Со цел да живееме заедно, ние треба да ставиме крај на употребата на сето нуклеарно оружје кое е крајно нехумано и вистинско зло. Моментот да се стори тоа е токму сега.

„Со цел да живееме заедно, ние треба да ставиме крај на употребата на сето нуклеарно оружје кое е крајно нехумано и вистинско зло. Моментот да се стори тоа е токму сега“, изјави градоначалникот Мацуи.

Дел од присутните на свеченоста изјавија дека таа ги потсетува оти треба да се негуваат мирните времиња како сегашново.

„Татко ми и сестра ми беа тука за време на експлозијата. Имам скоро осумдесет години и не знам колку уште долго ќе доаѓам тука“, вели Јасуми Цукада која имала осум години кога ги загубила нејзините.

Јапонските медиуми пишуваат дека просечниот век на преживеаните е нешто над 80 години и оти можеби ова е последната комеморација на која можат да присуствуваат.

Во одбележувањето на годишнината од атомското бомбардирање се приклучи и американскиот државен секретар Џон Кери при што ја истакна важноста на договорот постигнат за иранската нуклеарна програма во минатиот месец.

„Непотребно е да се каже колку ова е многу силен потсетник на трајните последици од војната врз луѓето и државите, но, исто така, колку ја истакнува важноста на договорот што го постигнавме со Иран за намалување на можноста за ширење на нуклеарното оружје“, изјави Кери.

Според тој договор, Соединетите Држави и светските сили се согласија на олабавување на санкциите врз Иран за возврат на кратење на иранската нуклеарна програма за која Западот се сомнева дека е со цел развивање на атомска бомба.

Кери оцени дека американските односи со Јапонија се многу важни.

„Нашите односи со Јапонија денес се едни од најважните што ги имаме во светот. Нашите демократии работат заедно и делат заеднички вредности и заедничка визија за иднината“, рече тој.

Кери наведе дека годишнината од првата атомска бомба фрлена врз Хирошима ја истакнува важноста на напорите на Соединетите Држави и другите земји, посебно Русија за намалување на бројот на нуклеарните боеви глави.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG