Достапни линкови

logo-print

Тања Царовска - Ангелскиот глас од „Сон, верба, љубов“


Тања Царовска е македонска пејачка која ужива репутација на врвен изведувач многу повеќе во светот отколку дома. Нејзиниот кадифен глас може да се чуе на бројни успешни проекти, а таа има и еден одличен соло албум - „No Record of Wrong“ од 2011 година. Царовска е дел од екипата на специјални гости на новата серија концерти од фантастичниот проект „Сон. Верба. Љубов“ на Дуке Бојаџиев, што треба да се одржат на 7 август во Хераклеа во Битола и два дена подоцна во Антички театар во Охрид.

Тања Царовска е модерна и современа жена. Врвна пејачка. Една од оние за кои се вели дека поседуваат милозвучен, кадифен, ангелски глас. Родена и израсната во Ресен, таа живее космополитски. На релација Македонија – Велика Британија, со попатни станици во Франција.

Едноставно двајцата имавме слични музички интереси и сакавме нашите таленти и енергии да ги вкрстиме. Но, за жал, тогаш ништо не испадна затоа што секој си тргна по свој пат во туѓа земја. И по многу години, можеби цела една деценија, Дуке ме побара од Њујорк за да ја испеам „Си заљубив едно моме“.

Задоена и напоена од традицијата, боите и музиките на татковината, Царовска својот раскошен талент несебично им го има дарувано на проекти како филмовите „Троја“, „Страдањата на Исус“, „Мајки“. Има соработувано со значајни музички имиња како оскаровецот Џејмс Хорнер, феноменалниот Габриел Јаред, Џош Гробан, но и со творци како Волфганг Петерсен, Робин Џефри, Дејвид Фостер, со Раде Шербеџија, ФОЛТИН, а нејзиниот вокал може да се чуе и на албумот „Импресии“ на Крис Боти, добитникот на наградата Греми за инструментален поп албум за 2012 година.

Мене органски ми припаѓа тој стил. Некако му прилега на мојот глас. Уживам во изведбата на тие песни. Згора на тоа воопшто не кријам дека го обожувам Крсте како пејач и како човек и од самото тоа што многу често сум го слушала како тој пее јас тие песни толку ги имам засакано што сега ќе се потрудам да го дадам најдоброто од себе.

Во 2011 година го објави и својот деби албум „No Record of Wrong“, кој патем со убави зборови беше пречекан од островската музичка критика, а деновиве Тања Царовска, растргната помеѓу повеќето ангажмани и работата на материјалите за своите нови објави, заедно со Исмаил Лумановски, Мартин Џаконовски, Владимир Крстев и други, е дел од екипата на специјални гости на новата серија концерти од фантастичниот проект „Сон. Верба. Љубов“ на композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев, што треба да се одржат на 7 август во Хераклеа во Битола и два дена подоцна во Антички театар во Охрид.

„Дуке и јас се знаеме одамна. Нашето пријателство започна на скопските фестивали во 1990-те години. Се јавивме едноподруго на неколку од нив како автори и од година во година се гледавме и се дружевме. Потоа јас заминав за Лондон, Дуке по извесно време за Њујорк. Пред да заминеме од Македонија извесно време се среќававме и сакавме да направиме нешто заедно. Некоја соработка. Едноставно двајцата имавме слични музички интереси и сакавме нашите таленти и енергии да ги вкрстиме. Но, за жал, тогаш ништо не испадна затоа што секој си тргна по свој пат во туѓа земја. И по многу години, можеби цела една деценија, Дуке ме побара од Њујорк за да ја испеам „Си заљубив едно моме“. Ја снимивме таа песна и по една мала пауза, еве сега тој ме покани да бидам дел од неговиот актуелен проект „Сон. Верба. Љубов“. Се разбира, има и други пејачи. Дуке соработува со Крсте Роџески кого навистина многу го ценам, но за жал тој поради обврските не ќе може да дојде дома, а јас сум тука и полека го заокружуваме материјалот за концертот“, вели Царовска.

Таа дополнува дека нејзе многу ѝ се бендисува она што како музика го пишува Бојаџиев и дека интерпретацијата на неговите композиции некако природно и доаѓа.

„Мене органски ми припаѓа тој стил. Некако му прилега на мојот глас. Уживам во изведбата на тие песни. Згора на тоа воопшто не кријам дека го обожувам Крсте како пејач и како човек и од самото тоа што многу често сум го слушала како тој пее јас тие песни толку ги имам засакано што сега ќе се потрудам да го дадам најдоброто од себе“, вели пејачката.

Од друга страна, говорејќи за сопственото творештво, за музиката која сама ја создава, пејачката знае да каже дека во изминативе четири години има напишано голем број композиции, но дека за сето да тоа го вообличи во носач на звук треба да бидат задоволени некои основни елементарни услови.

„Јас имам готов многу сопствен материјал. Не за еден туку за три или четири албуми, ама ете сето тоа си стои во мојот дом. Зошто? Затоа што е потребна голема иницијатива. Човек треба да обуе железни опинци за да го истера сето тоа. За да потпише еден таков проект кој нема да почива на компромиси и кој би ѝ бил понуден на публиката онака како што го замислил авторот. Јас само така ги замислувам моите проекти. Сакам сè да биде подмачкано. Во сите неможности, во сите тешки услови, сакам што е можно повеќе сè да оди во најдобар ред. А, тоа е прилично тешко без доволно финансии. Или без било каква финансиска поддршка. Значи, кога се нема една добра сума на пари која на сите би им овозможила да бидат комотни и како творци и изведувачи да го дадат својот максимум, тогаш работите почнуваат да трокираат. Јас на мојот претходен албум бев и шофер, снабдувач на храна, кафекуварка, буквално сè друго правев, а морав и да го пишувам и да го изведувам, да го отпеам материјалот. Би сакала кога се работи еден албум да се влезе во студио со силна екипа. Кога би имала можност, јас би собрала свој тим на музичари и за неколку месеци би влегле во студио за да го снимиме сето она што го имам готово како идеја, а тоа верувајте не е малку. Затоа не би сакала да викам никого, ниту еден колега, професионалец, кога не би имала можност да му платам за вложениот труд. Не сакам никој да работи на вересија кај мене. Ете тоа е проблемот зашто толку долго се чека на моето идно остварување и се јави оваа повеќегодишна дискографска пауза. Инаку сè се прави. Ништо не е невозможно. Кога го спомнувам фактот дека се потребни доволно средства за правење на уметност, на некој начин тоа може да се разбере и како еден вид изговор. Дури и тоа се надминува ако човек се реши и засукува ракави. Меѓутоа морам да споменам и тоа дека јас имам и други обврски. Многу често патувам во Англија и таму работам со разни композитори на нивните проекти. Тоа значи дека упорно и постојано мојата музика ја оставам за на крај оти таа е тука присутна, ја има, а сите тие ангажмани надвор ми се платени инстантно и јас не сум таа која треба да се грижи за нивната финална реализација. Од друга страна, знам дека со право многу луѓе имаат желба да ја слушнат мојата нова музика, мојата интерпретација и еве давам ветување дека во блиска иднина ќе биде задоволена нивната нагласена љубопитност“, вели таа.

А, во очекување на публикувањето на нејзините нови соло изданија, Царовска продолжува да ја одработува набиената пејачка агенда во чии рамки како посебност ја издвојува соработката со славната британска композиторка Џослин Пук.

„Моментално сум ангажирана на подготовка на музиката за неколку телевизиски серии за Би-би-си и Ај-ти-ви. Соработувам со композиторката Џослин Пук. Член сум на нејзиниот ансамбл со кој често одржуваме и концерти во Велика Британија. Се надевам дека оваа есен со тој ансамбл ќе настапиме и во Македонија, а колку за потсетување станува збор за авторка на музиките за некои од филмовите на Стенли Кјубрик, на актуелниот мјузикл „Кралски“ што со голем успех се прикажува во лондонски Вест Енд, двојна добитничка на наградата „Најдобар британски композитор на годината“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG