Достапни линкови

Македонија и Србија, наскоро тесно грло за мигрантите


Секој ден околу илјада и петстотини Авганистанци и Сиријци ги минуваат шумите од Србија во Унгарија. По приведувањето од полицијата и нивното регистрирање тие се пуштаат на слобода за да се пријават во центрите за азил. Наскоро тоа нема да биде така, со што Македонија и Србија би можело станат тесно грло за мигрантите.

Ранливоста на безграничната Европа посебно е изложена на надворешните линии како онаа на Унгарија каде што доаѓаат илјадници мигранти, бегајќи од насилството и сиромаштијата во нивните земји за да стигнат до земјите кои се дел од Шенген зоната на слободно движење. Унгарските лидери прават се за да го спречат таквиот бран.

Деновиве, по извесни пробни и подготвителни работи, почна подигањето на оградата во должина од 175 километри, а законите за азил во Унгарија станаа построги и сега полесно се дозволува депортација на мигрантите од Унгарија.

Во исто време Будимпешта почна да одбива да презема мигранти од другите членки на Унијата иако, според правилата воспоставени во Брисел, таа е обврзана на тоа.

Некои бегалци велат дека направиле последен обид да дојдат до Унгарија пред да биде подигната граничната ограда и да останат заробени во Србија или Македонија кои не се членки на Европската унија и кои наскоро би можело да станат тесно грло во миграцискиот бран.

И додека Унгарија за мигрантите е повеќе само попатна станица, земјите од централна Европа стануваат се позагрижени од бранот бегалци, особено откако во некои од нив дојде до инциденти меѓу мигрантите во прифатните центри.

Тоа, пак, доведе до пораст на бројот на злосторства од омраза главно тепачки.

Унгарскиот популистички десничарски премиер Виктор Орбан неодамна имиграцијата ја спореди со тероризам, наведувајќи дека Унгарија ќе дејствува според нејзини интереси, бидејќи Европската унија не нуди никакво решение.

Поттикнат од сцените со мигранти кои во Кале се обидуваат да дојдат до тунелот под Ла Манш за да влезат во Британија, Орбан потсети на предупредувањата на поранешниот француски претседател Никола Саркози за масовен прилив на миграција од југот на Франција.

Како и мигрантите во Кале, повеќето од оние што се во Унгарија исто така велат дека би сакале да стигнат до Британија.

Некои велат дека направиле последен обид да дојдат до Унгарија пред да биде подигната граничната ограда и да останат заробени во Србија или Македонија кои не се членки на Европската унија и кои наскоро би можело да станат тесно грло во миграцискиот бран.

Приливот на бегалци ги подели Унгарците меѓу оние кои бараат од владата повеќе да им помага и оние кои бараат таа биде построга спрема мигрантите.

Во минатиот месец едно екстремно десничарско движење организираше протест на железничка станица во Будимпешта против, како што беше наведено, „африканските орди“ и се закани дека ќе ги преземе работите во свои раце ако владата не го спречи мигрантите.

Со законските измени, граничната ограда и одбивањето да се земат назад мигранти од други членки на Европската унија, Унгарија наскоро би можело да се ослободи од мигрантите. Според некои податоци таму само оваа година стигнале над 100 илјади.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG