Достапни линкови

logo-print

Штом е оставено на волјата на фирмите, К-15 нема да се исплаќа


.

.

Работодавците нема да исплаќаат K-15 на работниците кога повеќе не се обврзани да го прават тоа, вели Здравко Савески, активист и експерт за работнички права во разговор за Радио Слободна Европа. Според него, во многу ретки случаи ќе има исплата на K15, бидејќи работодавците се обидуваат да ги избегнуваат и задолжителните обврски во законот.

Господине Савески колку сега навистина работниците ќе добиваат К-15 кога работодавците повеќе не се обврзани да го исплаќаат?

Како и во секоја ситуација кога нема обврска кај работодавците да исполнуваат одредена обврска кон работниците и во овој случај многу ретко ќе има исплата на К-15. Работодавците во Македонија кога се однесува на работничките права дури и кога некое работничко право е утврдено како обврска многу често наоѓаат начин да го избегнуваат тоа во практика. А кога е оставено на нивна добра волја како исплатата на К-15, сигурно во многу мал процент на фирми ќе исплатат К-15.

Колку синдикатот се стави на страната на работодавачите кога знаеме дека токму тие мерката ја најавија како голем успех за сега да прифатат спогодба за исплаќање на К-15?

Да, има еден многу интересен куриозитет во врска со улогата на синдикатот. Исплатата на К-15 беше најавена како голем успех кој сегашното синдикално раководство успеал да го издејствува. Тој голем успех сега не се направи обид ни најмалку да се одбрани, туку напротив се гледаше да се протурка баш во еден момент кога вниманието на јавноста беше насочено кон политичкиот дијалог. Значи буквално тоа беше потпишано во денот кога беше постигнат политички договор и тоа најверојатно беше намерно направено. Значи синдикатот не успеа ниту да ја зголеми информираноста на работниците и своите членови што значи ова за нивниот материјален статус, ниту под разно размисли за реализирање на отпор кон оваа новододадена мерка во колективниот договор.

Дали правата на работниците со воведување па повлекување на вакви мерки се уназадуваат во земјата?

Во Македонија има еден континуиран процес на намалување на работничките права, а има еден паралелен процес во последните години каде што во принцип наизглед им се даваат само некои дополнителни права додека фактички тие права не се практикуваат во реалноста. Единствено право кое отскокнуваше од овој калибар од оваа шема беше правото на К-15 кое навистина имаше ефект во реалноста. Но веројатно баш дека имаше ефект им беше ускратено на работниците. Во овој момент единствено право на К-15 и тоа утврдено со закон имаат функционерите во Република Македонија така што тие што имаат добра материјална состојба имаат право на К-15, а обичните работници тоа право го немаат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG