Достапни линкови

Иванов: Македонија денес одново се наоѓа пред голема пресвртница


Македонија денес одново се наоѓа пред нова пресвртница, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето на централното чествување на „Денот на Републиката - 2 Август“ на Мечкин Камен во Крушево. Иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сè уште е политички длабоко поделена, оцени Иванов. Го поздрави и повика да се испочитува постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии, констатирајќи дека е тажно, „што се доведовме во ситуација некој друг се грижи за нас повеќе од самите нас“.

“Како да не научивме дека најдобри се оние решенија кои сами ќе ги постигнеме, преку дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Тоа е и смислата на сувереноста. Политичката криза нè потсети на нашите стратегиски цели. Но, не потсети и дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. А се однесувавме мошне неодговорно” оцени Иванов.

Оваа криза, според него, е истовремено и можност, и за нас, и за Европската унија и за НАТО.

“ Се покажа дека блокадите не ја разрешуваат, туку само ја влошуваат политичката и безбедносната состојба во Македонија. Крајно време е Унијата да ни даде датум за почеток на преговори за членство, а прашањето за името да го остави како 35. поглавје во преговорите. Крајно време е НАТО да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ни ја врачи одамна заслужената покана за членство” рече Иванов.

Осврнувајќи се на последиците од блокадите Иванов рече дека македонските граѓани сакаат да работат и да заработуваат пристојна плата. Поради тоа, како што рече, како држава вложивме многу време и енергија за привлекување странски инвеститори кои ќе отвораат фабрики и нови работни места за граѓаните.

“Сепак, поради нарушениот углед на државата, постоеше опасност инвестициите да запрат, и економскиот раст да опадне. Политичката битка меѓу партиите не смее да ѝ наштети на економијата, бидејќи од неа зависат платите, пензиите, субвенциите, стипендиите”рече Иванов во обраќањето.

XS
SM
MD
LG