Достапни линкови

Македонија ги празнува двата Илиндена


Република Македонија утре ќе ги одбележи двата историски Илиндена - 112 години од почетокот на Илинденското востание и 71 година од Првото заседание на АСНОМ. Претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски ќе се обрати на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце, премиерот Никола Груевски ќе биде на одбележувањето во Скопје - пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, а претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе се обрати на централното чествување на Мечкин Камен во Крушево. Таму ќе биде положено цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржи голем народен собир. Во Крушево за Илинден традиционално пристигнаа и коњаниците од Илинденски марш, а градот од денеска ќе биде домаќин на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“. Во битолското село Трново, пак, ќе се одржи Семакедонска илинденска средба во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

XS
SM
MD
LG