Достапни линкови

Хуманоста - изземена од националност и религија


Габриела Андреевска од левичарското движењето Солидарност.

Габриела Андреевска од левичарското движењето Солидарност.

Бегалската криза не сплоти - стотици етнички Албанци/ки и Македонци/ки ги здружија силите да помогнат на босите, болни и гладни бегалци, пишува Габриела Андреевска од „Солидарност“ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Се случува овде и сега - се колнам - сведок сум на мирољубива револуција на свеста изземена од националност и религија. Заедно, Албанци/ки и Македонци/ки. Бегалската криза не сплоти - стотици етнички Албанци/ки и Македонци/ки ги здружија силите да помогнат на босите, болни и гладни бегалци.

Како атеист, никогаш во својот живот не помислив дека ќе поминам толку многу време во куќата на Бог. На кој било Бог. Но тоа што оваа куќа го претставува, во времиња на непрестајно страдање и длабока болка на илјадници луѓе - кога институциите кои имаат мандат да помогнат, непоколебливо решаваат да бидат слепи, правдајќи се со бирократски изговори – тоа што оваа куќа го претставува ми ја враќа вербата. Не во Бог. Туку во човештвото. Во добрината. Без разлика на националност или религија.

Легис, една од најистакнатите организации во поглед на пружањето хуманитарна помош на бегалците, брои македонски и албански активисти во Табановце и Гевгелија. Александра, млада Македонка, е една од активистките во Куманово. Восхитена, истакнува како бегалската криза ги сплотува Албанците и Македонците активисти во џамијата во Куманово, која служи како прибежиште за бегалците: „Како атеист, никогаш во својот живот не помислив дека ќе поминам толку многу време во куќата на Бог. На кој било Бог. Но тоа што оваа куќа го претставува, во времиња на непрестајно страдање и длабока болка на илјадници луѓе - кога институциите кои имаат мандат да помогнат, непоколебливо решаваат да бидат слепи, правдајќи се со бирократски изговори – тоа што оваа куќа го претставува ми ја враќа вербата. Не во Бог. Туку во човештвото. Во добрината. Без разлика на националност или религија.”

Во Гевгелија секојдневно доаѓаат другарите од НуН, организација која што главно брои Албанци и неколку Бошњаци. Пристигнувам на железничката станица и таму не пречекува Кемал од НуН, кој оди босоног како и секогаш. „Каде ти се чевлите, Кемал? Пак ги даде на бегалците? “ – го прашувам восхитена од неговата преданост и несебичност. „Пак” – потврдува Кемал со скромна насмевка. Се поздравуваме набрзина и веднаш се координираме (илјадници луѓе очајно чекаат гладни и истоштени на жешкиот бетон од злокобната железничка станица). „Каде покривте вие? И каде да одиме ние?” Другарите Албанци набрзина ни даваат инструкции и се организираме. Заедно, Албанци/ки и Македонци/ки. Му пријдува еден бегалец на Кемал: „Ве молам еден сендвич на мене, христијанин сум јас! Ве молам!” Кемал (муслиман) милно го погледнува: „Брате, два ќе ти дадам, не еден!”

За викенд доаѓаат Хадис и Назифе (Албанци од Легис), веднаш се зафаќаат за работа, со мене и со Драгица, Македонка активистка од Прилеп. Пакуваме пакети со храна, а жешкото сонце не гори во комбето спроти железничката станица. Заедно, Албанци/ки и Македонци/ки, ја делиме маката и потта низ горештините на летниот ден. Сплотени, да им помогнеме на босите и гладните, болните и жедните.

Вечерниот воз доаѓа... гужви, турканици, хаос. Наликува на апокалипса. Бегалците очајуваат, секој сака да се качи во воз! Но едноставно нема доволно вагони..нема доволно место за сите...Срцепарателните крици на дечињата продираат во црнилото од злокобната ноќ. Вратите на вагоните се блокирани од премногу луѓе. Глетката е трогателна– бегалците се јазат во очај низ прозорите, обидувајќи се да влезат во тој долгоочекуван воз што ќе ги носи кон ветената европска почва. „Опасно е, немојте, ве молам!” Низ горчлив плач повикуваме и ние, волонтерите. Претоварен, возот полека заминува. ЕДВАЈ. Цвеќето што го држев во раце му го давам на еден бегалец во веќе движечкиот воз. „Чао, со среќа!” Стојам заедно со другарите и другарки Албанци/ки и им намавнуваме на бегалците. Заедно, Албанци/ки и Македонци/ки. Ги испраќаме нашите мили бегалци во ветената земја. А студена пот ме облева кога ќе помислам дека и покрај сите премрежиња што ги претрпеле, и покрај сета грозоморна бегалска голгота – таа проклета ветена земја постои можност да рече: „Назад! Оваа ветена земја не знае како да ви помогне! Знае само да ве експлоатира!” Возот заминува, а ние, активистите, стоиме неподвижни..заковани со невидливи синџири на недоискажаност – не пролазуваат јанѕи. Ги погледнувам другарите и другарки Албанци/ки – очите им молчат, трепавиците заклучени на прагот од горчливи солзи, но се слуша тоа ехо на длабок неспокој и немирно срцебиење – и тие неминовно страхуваат за истото – каде ќе завршат прекрасните луѓе кои ги испративме со воз? Ќе бидат ли живи утре?! Ги споделуваме истите стравови низ молчеливи, насолзени очи - заедно, Албанци/ки и Македонци/ки.

Родена сум и живеам во земја што се нарекува Македонија, не знам што сум, оти непоимлив ми е концептот за националност...Но можеш да ме наречеш Албанка, Македонка, Сиријка... како сакаш. Што сум јас? Само човек.

Кошмарниот викот на еден Сириец го крши стаклото на нашата тишина – прв пат видов постар маж да се дави во солзи. „Син ми, син ми, ве молам! Син ми!” – залипано повторува. Му ја држам раката, целиот трепери преплашен, речиси во прангите на бессозание...„Син ми се качи во воз, но јас не успеав да се качам!” Ах, повторно разделено семејство...Неретко се разделуваат при целата вртоглава турканица при качување во воз. „Смири се, ќе го најдеме, ќе го најдеме” – се обидувам да го убедам, а далеку од убедена сум и јас самата. Се јавуваме веднаш кај Александра и другарите и другарки Албанци во Табановце. „Ве молам, малиот Ахмет да го пречекате кога ќе пристигне возот во Табановце! Татко му остана со нас, во Гевгелија!”

Утредента, одново истото, правиме пакетчиња со храна заедно со другарите Албанци и ја делиме на изнемоштените бегалци, кои немоќно чекаат на железничка да пристигне возот, „чекајќи го Годо...” Потоa ја делиме храната. Заедно, Албанци/ки и Македонци/ки. Еден Сириец бегалец ни се заблагодарува и ме прашува: „Shukran, shukran! И ти си Албанка како дечкото што дели храна со тебе? Или нешто друго си ти? Што си ти?” Збунета, се колебам некоја секунда (никогаш не знам како да одговорам на ова прашање!)...„Родена сум и живеам во земја што се нарекува Македонија, не знам што сум, оти непоимлив ми е концептот за националност...Но можеш да ме наречеш Албанка, Македонка, Сиријка... како сакаш. Што сум јас? Само човек.”

XS
SM
MD
LG