Достапни линкови

logo-print

Елена Митревска: Во уметноста нема компромис


„Сувенири од музички патувања“ се насловени концертите што овој четврток и петок, 30 и 31 јули, во рамките на фестивалите Охридско и Скопско лето, ќе ги изведе Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. На програмата се дела на големите Едуард Толдра, Јоханес Брамс, Бела Барток и Петар Илич Чајковски, а со ансамблот и по прв пат во родната земја ќе раководи Елена Митревска, добитничка на престижната награда „Ервин Ортнер“ за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија во 2014 година.

Овие два концерти се посебно важни за мене бидејќи ова е мој прв настап како диригент во Македонија и затоа се одлучив за нешто ново. Сигурна сум дека Камерниот оркестар на МММ ниту едно дело нема свирено од ова што сега го презентираме. Всушност многу размислував и се одлучив за четири дела кои претставуваат четири различни култури и се многу контрастни меѓу себе, но во еден ваков си одговараат и даваат навистина убава слика. Програмата е прилично амбициозна и тешка за Оркестарот, меѓутоа познавајќи го од порано овој колектив и знаејќи го фактот дека се работи за млади ентузијасти, студенти и ученици од МБУЦ „ИЛИја Николовски Луј“ кои сакаат да направат нешто повеќе, јас сум убедена дека сето тоа ќе функционира на задоволство на сите. Посебно на публиката.

Патот воопшто не е лесен за било кој музичар. Посебно за диригенти кој се млади, кој допрва преку искуството треба да се докажуваат. Виена е град во кој нималку не е лесно човек да се пробие бидејќи има огромна конкуренција. Доаѓаат луѓе од целиот свет. Меѓутоа трудот се вреднува и јас сум многу благодарна што мене ми се даваат можности како диригент.

​Ова ќе го забележи диригентката Елена Митревска во пресрет на концертните настапи на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија на Охридско и Скопско лето насловени како „Сувенири од музички патувања“.

Појаснувајќи ја сопствената идеја за ваквата програма во која се дела на големите Едуард Толдра, Јоханес Брамс, Бела Барток и Петар Илич Чајковски, таа вели дека кај љубовните валцери на Брамс сакала музичарите од Оркестарот да ја почувствуваат нивната елеганција и префинетост, кај Чајковски да го видат огнот на неговото воодушевување од престојот во Фиренца, отворен град во тоа време...и констатира дека секое дело отсликува нешто поинакво.

Елена Митревска дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија, насока хорско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година. Своето образование го продолжува во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности, каде со највисоки оцени дипломирала најпрвин на одделот за хорско во класата на проф. Ервин Ортнер, а потоа и на оној за оркестарско диригирање кај прочуениот Урош Лајовиц.

Ако човек се решил да дејствува како музичар треба да даде сè од себе ако сака да биде успешен и ако сака да биде задоволен од тоа што го прави.

Митревска е добитник на почесно признание од страна на Универзитетот, како една од најистакнатите студенти на својата генерација, а за време на студиите активно делува како диригент на неколку хорови во Виена. Паралелно го основала и ансамблот„Глезум“ со кој во 2013 години ги изведува Псалмите „Чичестер“ од Леонард Бернштајн.

Уште од почетокот на студиите е редовен член на Арнолд Шенберг хор, со кој настапувала во престижни сали во Виена, Токио, Луцерн...

Од 2012 година работи како асистент во Арнолд Шенберг хор, како на концертните, така и на оперските проекти во Theater an der Wien. Годинава е ангажирана и како хор-мајстор за оперите “La Straniera” од Белини и “Le nozze di Figaro” од Моцарт.

Конечно Митревска е добитничка на престижната награда „Ервин Ортнер“ за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија во 2014 година.

„Патот воопшто не е лесен за било кој музичар. Посебно за диригенти кој се млади, кој допрва преку искуството треба да се докажуваат. Виена е град во кој нималку не е лесно човек да се пробие бидејќи има огромна конкуренција. Доаѓаат луѓе од целиот свет. Меѓутоа трудот се вреднува и јас сум многу благодарна што мене ми се даваат можности како диригент. Значи дејствувам како асистент и како хор мајстор во најреномираниот австриски хор „Арнолд Шенберг“ и се здобивам искуство.“

Диригентката знае да каже дека сега за сега е многу задоволна од тоа како се одвива нејзиниот пат. Таа се надева дека така и ќе продолжи и потенцира дека нејзиното мото е дека во уметноста нема компромис.

„Вчера имавме многу интересна проба со Оркестарот. Им кажав дека во уметноста нема резерва и нема компромис. Ако човек се решил да дејствува како музичар треба да даде сè од себе ако сака да биде успешен и ако сака да биде задоволен од тоа што го прави.“

По концертот со кој ќе биде затворено годинешното Скопско лето, Митревска се враќа во Виена каде што како асистент ја очекува настап со Арнолд Шенберг хор, а потоа во септември со хорот и со новата поставка на „Волшебната флејта“ заминува на турнеја во Кина.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG