Достапни линкови

Зголемување на безбедноста во Охридското Езето


Пловидбени знаци, светилници, забрането капење на пристаништата, како и радари за целото Охридско Езеро се дел од работите што ги преземаат надлежните за зголемување на безбедноста во езерото.

Преку пловидбени знаци кои веќе се поставени се предупредуваат граѓаните и туристите да не се капат на места како што е градското пристаниште во Охрид. Главната цел е да се влијае врз безбедноста на капачите, вели Горан Устијаноски, капетан на пристаништа. Тој вели дека такви знаци ќе бидат поставени на целиот потег од Охрид до Радожда и Свети Наум.

На самиот брег ќе бидат поставени 179 знаци и ќе бидат обновени светилниците во Охрид и Св. Наум, каде ќе бидат поставени најсовремени светла по последната технологија. Нов светилник ќе биде поставен и во Струга.
Горан Устијаноски, капетан на охридските пристаништа.

„На самиот брег ќе бидат поставени 179 знаци и ќе бидат обновени светилниците во Охрид и Св. Наум, каде ќе бидат поставени најсовремени светла по последната технологија. Нов светилник ќе биде поставен и во Струга. Можеби немаме таква пловидба за која е потребен светилник за навигација, меѓутоа светилникот е симбол на секое пристаниште и негов неизоставен дел. Деновиве имаше некои реакции на граѓани кои помалку биле информирани дека биле поставени знаци за забрането капење на пристаништата во Охрид, Св. Наум и на некои пристапни мостови на целото крајбрежје, но тоа е многу нормална работа. Ако некаде не се очекува да има капачи, тоа е секако околу пристаништата, бидејќи од тоа директно зависи безбедноста на самите капачи. Пристаништата се места каде се маневрира со бродови и чамци и може да дојде до повреди и несакани последици по самите капачи“, рече Устијаноски.

Ќе ги ограничи помалите пловни објекти каде да се движат за да може поголемите објекти да се движат послободно.
Зоран Гилески, сопственик на бродот Александрија.

Тој посочува дека е направена комплетна студија за целото Охридско Езеро во делот на поставување на ваквите знаци. Тој апелира сите тие знаци да се почитуваат и од оние што пловат, но и од оние што се капат во Охридското Езеро.

Зоран Гилески, сопственик на бродот Александрија, вели дека поставувањето на овие пловидбени знаци ќе ја подигне безбедноста во езерото.

„Ќе ги ограничи помалите пловни објекти каде да се движат за да може поголемите објекти да се движат послободно“, рече Гилески.

Наскоро треба да бидат набавени и два радари кои исто така ќе влијаат вез безбедноста во Охридското Езеро.

„Средства во буџетот се одвоени. Прашање сега се само процедурите околу објавување на тендерските постапки. Кога ќе бидат поставени ќе може да се снима целата површина на Охридското Езеро. Тие ќе служат пред сè за потребите на Капетанија, бидејќи понекогаш се има потреба од трагање по исчезнати лица, евидентирање на некои пловни објекти, за кои се јавува дека се наоѓаат на некои спорни места или вршат некои спорни дејанија“, рече Устијаноски.

Охридската капетанија ќе отпочне и со поставување на т.н бови низ езерото со што ќе се одбележат сите пловни патишта.

XS
SM
MD
LG