Достапни линкови

Земјоделците се жалат на откупната цена на пченицата


Власта вели дека се почитува договорената откупна цена на пченицата, но земјоделците се жалат дека мелничарите им плаќаат помалку од договореното.

Се почитува или не договорената откупна цена на годинашното лебно зрно во најголемата житница во земјава, Пелагонија? Спротивставени изјави дадоа заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски и претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров на заедничката прес-конференција на која излегоа деновиве во битолско.

Просечната цена по која се откупува пченицата е 10 денари, со оглед на она што беше договорено во Министерството цената да биде 10 денари плус трошоци за транспорт и ДДВ околу 11 денари, можам да кажам дека таа цена воглавно се почитува.
Ванчо Костадиновски, заменик министер за земјоделство.

Костадиновски рече дека мелничарите го откупуваат житото по договорената цена од 11 денари, а земјоделскиот лидер Тантаров дека не се почитува договореното.

„Просечната цена по која се откупува пченицата е 10 денари, со оглед на она што беше договорено во Министерството цената да биде 10 денари плус трошоци за транспорт и ДДВ околу 11 денари, можам да кажам дека таа цена воглавно се почитува за пченица која е со нормален квалитет да може да се произведе лебно брашно“, изјави Костадиновски.

Веднаш по него Тантаров изјави дека не само што не се почитува договорената цена, туку постојат и притисоци од одредени мелничари врз други откупувачки компании да не даваат повисока цена за житото.

Ние со мелничарите се расправавме три месеци во Министерството за утврдување на една цена по која може да отпочне откупот на пченицата.
Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

„Ние со мелничарите се расправавме три месеци во Министерството за утврдување на една цена по која може да отпочне откупот на пченицата. На крај се договоривме минималната цена да биде 11 денари однесена пченица кај нив. Меѓутоа господата мелничари овој договор не го почитуваат. По два дена рекоа се откажуваме од тоа, дури на некои кои почнаа да го применуваат договорот им се закануваа зошто ја даваат таа цена“, тврди Тантаров.

На терен истата слика како и претходните жетви. Земјоделците се жалат дека работат за ситна пара, а откупувачите дека добро ги плаќаат.

„Нема задоволство. Треба 50 килограми тарана на 2000 метри квадратни да ставам, прскање, орање, од ова 3000 денари само ќе ми останат“, вели Бошко Најдовски од Новаци.

„Плаќаме по 10 денари за килограм и парите им легнуваат по пет шест дена на трансакциска сметка“, вели Тања Наумовска, откупувач од Могила.

Од Министерството за земјоделство ги повикаа сите незадоволни земјоделци кои сметаат дека при откупот на житото не е правилно вреднуван неговиот квалитет, случаите да го пријават во инспекторатот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG