Достапни линкови

Еколошки манифест на Крушево – етноград


Веќе традиционалната манифестација Крушево – етноград годинава започна еколошка битка за зачувување на македонското шумско богатство.

Со концерти на етногрупи, драматизации на традиционални крушевски обичаи, изложби на реквизити од влашката култура, филигран од срма, саеми на произведена квалитетна, здрава храна од кујната на крушевските домаќинки, со концерти на македонски естрадни уметници живее Крушево неделава. Сите овие настани ја чинат програмата на седмото издание на манифестацијата „Крушево-етноград“, финансирана од буџетот на ресорното Министерство и локалната самоуправа.
Годинава манифестацијата започна еколошка битка, за зачувување на македонското шумско богатство.

Оваа година имаме специјален еколошки манифест, ќе го потпишат сите крушевчани против сечата на шумите во Македонија, а почнуваме од Крушево, бидејќи оваа корија која што е стара преку 300 години, не е сечена ниту во турско, ниту во бугарско, ниту во време на партизаните.
Ранко Петровиќ, идејниот творец на манифестацијата „Крушево-етноград“.

„Оваа година имаме специјален еколошки манифест, ќе го потпишат сите крушевчани против сечата на шумите во Македонија, а почнуваме од Крушево, бидејќи оваа корија која што е стара преку 300 години, не е сечена ниту во турско, ниту во бугарско, ниту во време на партизаните. Ние сме таа генерација која треба да ја зачува, бидејќи сега секое дрво има непроценлива вредност и многу е важна и за нас како граѓани од Македонија, но и за целава планета. Затоа не ги даваме шумите, а од Крушево аберот доаѓа за цела Македонија“, порача Ранко Петровиќ, идејниот творец на манифестацијата „Крушево-етноград“.

Крушевчани, членови на здруженија, вработени во јавни институции, туристи по желба, во текот на оваа етно недела, облекуваат традиционални носии, сакајќи за миг да го доловат барем делумно животот на илинденско, востаничко Крушево. Во овој театар под отворено небо, некои избираат да ги земат улогите на Турците, други на комитите, на чорбаџиите или сиромашните граѓани.

До туристите испраќам една порака, редовно да нè посетуваат, зашто Крушево е навистина убаво, има чист воздух, убава природа и сега ќе се започне една кампања против сечење на шумите.
Даница Јанакиеска, жител на Крушево.

„До туристите испраќам една порака, редовно да нè посетуваат, зашто Крушево е навистина убаво, има чист воздух, убава природа и сега ќе се започне една кампања против сечење на шумите“, вели Даница Јанакиеска, жител на Крушево.

Голем интерес меѓу посетителите предизвикува т.н. Влашка одаја.

„Крушевската влашка одаја е моја поставка. Располагам со 50-ина оригинални експонати, што се стари по 80, 90, па и по 100 години. Поставката наиде на голем интерес и кај домашните и кај странските гости кои во овој момент престојуваат во Крушево“, вели Мирјана Проеска, автор на поставката.

Градоначалникот Ѓорѓи Дамчески очекува манифестацијата значително да го зголеми бројот на туристи.

„Доколку како град претендираме да го развиваме туризмот, мораме како град со вакви културно-уметнички програми да ја збогатиме туристичката понуда. Поучени од минатогодишното искуство кога Крушево беше град на културата и имавме зголемување на бројот на туристите за 30 до 40 отсто, така што јас ќе бидам задоволен доколку го надминеме за 10 отсто она што го постигнавме минатата година“, вели градоначалникот Дамчески.

„Крушево-етноград“ завршува на крајот од овој месец. До тогаш е и отворена поканата и пораката на организаторите да се потпише крушевскиот еколошки манифест, којшто потоа ќе добие и правна форма, поддржан од советниците на градот на Илинденците.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG