Достапни линкови

logo-print

Свлечишта кај хидро системот Стрежево


Поради свлечиштата, отежнато е снабдувањето со вода, пред сè на земјоделските површини, а надлежните се обидуваат со дренажи да го подобрат протокот на вода.

Осум свлечишта се појавени кај хидро системот „Стрежево“ од каде со вода се снабдува градот Битола, индустријата и полето. Според директорот Марјан Героски, јавното претпријатие се соочува со големи проблеми од подземни води предизвикани со пролетните поплави. Поради ваквата состојба отежнато е снабдувањето со вода, пред сè на земјоделските површини, а надлежните се обидуваат со дренажи да го подобрат протокот на вода. Вклучени се и експерти од Градежниот факултет и институт.

Во моментот работиме на две свлечишта, а за останатите шест изработивме претпроектни активности, па изработуваме основни проекти. Приодот за решавање на оваа проблематика е доста сериозен.

„Во моментот работиме на две свлечишта, а за останатите шест изработивме претпроектни активности, па изработуваме основни проекти. Приодот за решавање на оваа проблематика е доста сериозен, зашто доводниот канал е единствената алтернатива која го снабдува градот Битола со вода летно време, а исто така и главниот извор за водоснабдување на РЕК за производство на струја е токму од нашиот систем. Препораката е да бидеме внимателни во пуштањето на водата, да не ги преоптовариме каналите, зашто тоа може да предизвика дополнителна хаварија“, вели Героски.

Тој додава дека приоритет е да се обезбеди каналот што ја снабдува Битола со вода за пиење и хигиена. Воедно со дренажните активности засега е овозможено нормализирање на протокот на вода за РЕК и индустријата, а земјоделските површини се наводнуваат во турнуси.

„Многу внимаваме на кои делнични и главни цевководи какви култури се засадени. Во моментот се појавува потреба за наводнување на пиперка и слични култури кои бараат вода со пауза од три-четири дена. Ние очекуваме дека таа вода во следниот период да ја имаме. Во моментот главно со повеќе вода се наводнува пченката, која потоа може да паузира десетина дена“, додава Героски.

Деновиве се очекува нормализирање на протокот на вода за земјоделството, но конечната санација на свлечиштата ќе трае до в година. Ваквата ситуација се случува во период кога Стрежевското Езеро е полно со вода како никогаш порано. Езерото во моментот има капацитет околу 95 милиони метри кубни вода и тоа претставува рекордно акумулирана вода во историјата на акумулацијата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG