Достапни линкови

logo-print

Најмногу коментари за интервјуто со Петре Шилегов


Интервјуто со портпаролот на СДСМ Петре Шилегов е наша најкоментирана тема изминатата недела.

Неделното интервју на Радио Слободна Европа со портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, веднаш предизвикало реакции на нашата Фејсбук страница. Реакциите главно се негативни, граѓаните реагираат на недоследноста во ветувањата на лидерот Заев дека ќе објави поголем дел од снимените материјали, особено оние за трагедијата на Смилковското Езеро.

Должни им останавте на македонските граѓани зашто не објавивте сè - за Смилковско Езеро и многу други случаи

Ванчо Дојранлиев напишал: „Па сега новиот“ - веројатно мисли на специјалниот јавен обвинител - „нека слушне и нека реагира. Сите што се инволвирани зад решетки одма, без разлика за кого се работи“. А Бардил Бислими вели: „И 1000 бомби - народот си спие“. Но, Ванчо Вранишковски Коде постирал: „Должни им останавте на македонските граѓани зашто не објавивте сè - за Смилковско Езеро и многу други случаи“. Шенол Салиу со иронија постирал дека СДСМ станал видовит и реагира на зборовите на Шилегов дека и да се објавела бомбата за Смилковско немало ништо да се постигне со ваква судска власт и обвинителство. Но, Исмет Ајдиновиќ мисли дека ништо нема да се смени со бомбите додека народот не се смени. „Секој нека се запраша кој сум јас, што правам, која е мојата улога?“

Се знаеше дека некој ден ќе има пресметки бидејќи овие луѓе не се политичари туку мафијаши кои благодарение на народот дојдоа на власт. Во секоја држава има мафија, а кај нас мафијата има држава.

На колумната на Стефан Богоев од подмладокот на СДСМ, со наслов „Груевски на колена пред мечот на правдата“, исто така, има доста постови. Во интерес на времето, објавуваме два карактеристични: Владимир Стефановски смета дека СДСМ се премногу самоуверени пред избори „ама девет пати по избори СДСМ е тој што е на колена“. Маргарита Несторова му одговара: „На криминални избори видовме и слушнавме како се добива. Не повеќе! Режимот е фатен во тесно, затоа е хистеричен и ги има одврзано своите кучиња“.

Граѓаните реагираат и на делот на интервјуто со Петре Шилегов за тоа дека МРТ треба да биде јавен, а не партиски сервис. Љубомир Ацков предлага референдум за изјаснување на граѓаните дали сакаат или не да плаќаат РДТ, зашто не сакал да финансира некого од кого не добива услуга. Владо Петрески прашува: „А кога МРТ не била партиски сервис?“

По информациите за меѓусебни пресметки со убиства на членови на ДУИ, Катерина Маркова постирала: „Се знаеше дека некој ден ќе има пресметки бидејќи овие луѓе не се политичари туку мафијаши кои благодарение на народот дојдоа на власт. Во секоја држава има мафија, а кај нас мафијата има држава“, напишала Катерина.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG