Достапни линкови

Шилегов - И „бомбата“ за Монструм немаше ништо да промени


Шилегов - И бомбата за Монструм немаше ништо да промени
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:27 0:00

Шилегов - И бомбата за Монструм немаше ништо да промени

Ние ги објавивме прислушуваните разговори или некаконитите или неморалните дејствија кои што ги имаше во предметот Сопот, па и во предметот на Љубе Бошковски, дали нешто правно се смени во тие предмети во меѓувреме? Ништо. Доколку ги објавевме и за Монструм немаше да влијае на вака поставеното Јавно обвинителство и на вака поставеното правосудство во Република Македонија, вели Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, во интервју за Радио Слободна Европа.

Господине Шилегов вашите првични најави беа дека Груевски за три дена по објавувањето на „бомбите“ ќе си поднесе оставка, сега со договорот добивте три месеци пред избори тој да се тргне од функцијата. Задоволни ли сте од договореното во Пржино?

Од аспект на тоа зошто Груевски не си поднел оставка мислам дека е повеќе од јасно дека истиот е повеќе од инволвиран во толку криминални настани што едноставно не поднесува оставка за да може да ја спаси својата кожа. Ако гледате од аспект на тоа што беа приоритетни барања на Социјал-демократскиот сојуз уште лани кога кажавме дека не ги признаваме резултатите од предвремените парламентарни избори и кажавме дека бараме преодна влада, во таа фаза ја дефиниравме како техничка којашто ќе ги организира новите предвремени парламентарни избори и којашто нема да биде раководена од Никола Груевски, баравме, првичното барање беше промена на Јавниот обвинител и промена во менаџерскиот тим и уредувачката политика во МРТВ, со цел да дојде до независно, нормално информирање на македонската јавност од страна на јавниот сервис.

За првото добивте специјален обвинител, а второто не го добиве со договорите.

Факт е едно, дека Никола Груевски нема веќе никогаш во Република Македонија да предводи влада која ќе организираизбори. Од тој аспект гледано исполнето е барањето. Специјалниот јавен обвинител е приказна само по себе, фактички покажавме и докажавме и навистина не знам со кој кредибилитет се уште државниот јавен обвинител не си поднесува оставка, бидејќи со потпишувањето на договорот од страна на сите политички фактори се докажа дека државното јавно обвинителство и Марко Зврлевски и Јован Илиевски како перјаници, односно хиерархиски највисоките личности во тоа обвинителство се неспособни да спроведат независна истрага за, онака како што е во договорот дефинирано, пресретнатите телефонски разговори. Во рамките на работните групи кои сега се отвораат меѓу политичките партии со посредство на Европската комисија и на ОБСЕ/ОДИХР е опфатено и токму и на овие прашања, не само на Македонската телевизија, туку и Антикорупциската комисија, Државната изборна комисија, Управата за јавни приходи, Агенцијата за медиуми, така што и од тој аспект гледано неминовно е да дојде до промена на менаџерскиот тим на Македонската радио телевизија и уредувачката политика. Од тој аспект гледано ако ги имате како приоритет оние прашања што ние ги поставивме како таргети, да исполнети се. Дали можело да биде подобро? Секогаш можело да биде подобро. Дали можело да биде полошо? Секогаш можело да биде полошо. Вака постигнатиот договор ние го дефинираме како добра можност Република Македонија на мирен и демократски начин да излезе од сериозната политичка и државна криза.

Има ли време до 26 април да се реализира се што е договорено, бидејќи се договорени сериозни работи, со оглед на тоа што работата на работната група веднаш почна со некакви пречки?

Ако се работи посветено на имплементација на одредбите од договорот и на имплементација на препораките содржани во извештајот на Прибе и на Европската комисија, има време. Она што сакам да го потенцирам и што го кажуваме недвосмислено, Социјал-демократскиот сојуз на Македонија е доследен во своите ставови, како што рековме дека нема да дозволиме уште еднаш Никола Груевски да организира предвремени парламентарни избори, така и сега кажуваме нема да дозволиме какво било изигрување, ниту на одредбите, ниту пак на дефинираните термини содржани во договорот.

На што очекувате најмногу да запне реализацијата на договорот? На која тема?

Нема да може ВМРО-ДПМНЕ да се обиде со своите маалски, детски или шибицарски финти да го изигра овој договор, така што какви било обиди од нивна страна, што гледате и сами, уште од старт се обидуваат да ги направат, едноставно нема да бидат дозволени од наша страна.

Доколку не се обезбедат услови за фер и демократски избори, ќе оди ли СДСМ на избори на 26 април.

Се наоѓаме во еден период, една недела откако е случен овој договор и неблагодарно е за тој договор сега да зборуваме во негативен контекст, велиме дека се уште е рано, се уште сме на почетокот на имплементација на овој договор и ајде да му дадеме на тој договор шанса. Ако ме прашувате дали Социјал-дмократскито сојуз има план Б, секако дека има. Резервните варијанти ќе бидат предмет на имплементација, бидејќи веќе постојат, ако дојде до нарушување на овој процес.

Да се вратиме на „бомбите“. Додека траеше проектот Вистината за Македонија, по секоја прес-конференција лидерот на СДСМ, Заев, најавуваше дека ќе ја вратите слободата, демократијата, слободата на медиумите.. Како? Има ли програма сето тоа да го изведете?

Концентрацијата на македонската јавност во времетраење на објавувањето на доказите од проектот „Вистината за Македонија“, беше токму кон разголувањето на власта. Сега знаеме дека кралот е гол. Кралот одбра гол да остане и на својот престол. Во ред, нека го гледаат луѓето. Социјал-демократскиот сојуз паралелно со процесот „Вистината за Македонија“ работеше на дополнување и подобрување на веќе постојната програма и предлог мерки коишто ги има македонската јавност, не можете во исто време да ги терате двете работи. Во периодот којшто ќе претстои покрај нашата сериозна посветеност на имплементација на договорот, пред македонската јавност ќе ги презентираме и нашите предлог решенија за излез, односно т.н. позитивни програми, со цел луѓето навистина да можат да ја добијат визијата.

Како вие еве на пример би ја подобриле ситуацијата со слободата на медиумите.

Немојте само да заборавите дека во моментот кога Социјал-демократскиот сојуз ги загуби изборите 2006 година Република Македонија беше на 35 или 36 место во светот по слободата на медиумите, што само по себе доволно говори за нашиот однос кон медиумите. Немојте да заборавите дека ние така кажано загубивме власт во 2006, а најекспониран беше случајот Бачило што чинеше 720 илјади евра. Зошто? Затоа што медиумите беа слободни да ја критикуваат власта тогаш. Тука имаме афери кадешто има сериозни индиции дека Никола Груевски земал провизија од 30 милиони евра од Кинезите за изградба на автопатиштата, и никој ниту еден медиум од така наречените мејнстим коишто се под целосна контрола на владата, воопшто во целиот проект „Вистината за Македонија“, не посвети внимание под смешни образложенија. Да се разбереме, во Република Македонија можеби нема толку лоши законски решенија, колку што нема минимум волја од луѓето коишто раководат да ги спроведат. Постојат повеќе начини и механизми како сета таа работа да се уреди. Поткупувањето на медиумите со државни средства, односно владини средства да биде забрането со закон. Владата ќе може да се рекламира онаму каде што всушност и припаѓа, тоа е јавниот сервис. Постојат механизми за кои што можеме да разговараме, од тоа дека може во уредувачката политика на јавниот сервис да се обезбеди определена дневна саатнина или да се отвори канал со кој ќе располага опозицијата во Македонија, без разлика која и да е. Значи постојат модалитети и начини.

Кога сме кај новинарите. Од 100 прислушувани новинари колку што најавивте на тогашната прес конференција материјали им беа поделени не на повеќе од 20.

На повеќе од 50.

Слично беше и со невладините. Се добива, кај дел од јавноста, впечаток, дека процесот беше доста селективен во некој поглед. Што се случува со материјалите на оние кои се прислушувани, кои ги имате, а не им поделени?

Вие зборувате за она што ние јавно го обзнанивме, она што не го знаете дека сепак станува збор за приватни разговори на луѓе, дел од тие луѓе се повикувани во седиштето на СДСМ да им биде дадена нивната папка. Не сакавме, не сакаме и нема да дозволиме оние кои биле жртви на прислушувањето да бидат повторно жртви на некакво си јавно жигосување.

Како јавноста да биде сигурно дека СДСМ во иднина нема да ги злоупотреби тие информации?

Зар навистина мислевте дека ако сме такви луѓе или такви нелуѓе, како што се актуелните владетели во Република Македонија, ќе влезевме во ваков процес. Свесни сме, на крај на памет не ни паѓа, ако навистина сме имале такви размислувања, ние многу поинаку можевме да се однесуваме кон целиот проект или да тргуваме со него. Не, значи со ваквиот начин на транспарентно, јавно и доследно работење, всушност ја праќаме пораката и тоа ја испраќаме на секоја прес конференција дека ова зло веќе никогаш нема да се повтори, дека мора да се воспостават контролни механизми, не може тој што ја обзнанува веста да биде виновен за објавената вест. Доволно мислам аргументирано го презентиравме во минатото и во иднина ќе го презентираме кога ќе бидат предавани материјалите ќе го презентираме тоа до јавноста во Република Македонија, со цел демократскиот сојуз, луѓето, немаат таква ментална структура.

Што ќе се случи материјалите, на пример како оној за Смилковско, што беа најавувани во јавноста, па луѓето очекуваат да добијат некакви конкретни информации, а на крајот на денот тоа најверојатно ќе се предаде кај специјалниот јавен обвинител, а јавноста најверојатно ќе биде лишена од дознавање на вистината за случувањето?

Не само за Смилковско..... Како што ние сме транспарентни во целиот процес, ќе инсистираме дека и специјалниот јавен обвинител ќе треба да биде транспарентен во постапките коишто ќе ги води и доказите коишто ќе му бидат доставени.

Тоа значи дека преку него јавноста ќе биде информирана?

Преку него јавноста ќе биде информирана. Да ве потсетам дека ако Социјал-демократскиот сојуз се врати во Собранието, би требало да се врати, дека ќе биде формирана и анкетна комисија за прислушуваните разговори и на тој начин ќе можеме да ја известиме јавноста. Се дигна фама околу случајот Смилковско Езеро.

Но и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, имаше изјави со коишто ги подгреа.

Мислам дека случајот Монструм и случајот Смилковско Езеро или неговото објавување немаше да промени ништо, затоа што ние ги објавивме прислушуваните разговори или некаконитите или неморалните дејствија кои што ги имаше во предметот Сопот, па и во предметот на Љубе Бошковски, дали нешто правно се смени во тие предмети во меѓувреме, ништо. Доколку ги објавевме и за Монструм немаше да влијае на вака поставеното Јавно обвинителство и на вака поставеното правосудство во Република Македонија.

Дел од медиумите ве обвинија лично дека сте зимале пратеничка плата и сте работеле како управител на адвокатска фирма. Каков е вашиот коментар на ова?

Јас не сум пратеник по сопствен избор. Што може човек повеќе да направи од тоа што го направивме ние, сите од пратеничката група на СДСМ, од она што ние го направиме. Најправо дадовме изјава до Државната изборна комисија дека не ги прифаќаме мандатите за пратеници и второ, поднесовме писмени оставки до Собранието. Нас со сила на држат во работен однос таму. Јас сум адвокат, па имам малку поголема слобода заради организационата поставеност на мојата адвокатска фирма, меѓутоа има луѓе коишто се вработени во државни фирми, коишто едноставно утредента не ги примија на работа. Тие луѓе треба ли да живеат од нешто? Тие луѓе се појавија на своите работни места бидејќи ги поднесоа оставките, нивните претпоставени не ги примија на тие работни места. Да не звучам митингашки, допрва ќе ја болам власта, очигледно секој што ја чепка власта онаму кадешто таа мисли дека е недозволено започнува црна кампања против него. Моите приходи, приходите на моето семејство се толку јавни и транспарентни што дури мислам дека нема ни потреба за нив да се зборува.

Ве обвинија дека сте пријавиле помали приходи во анкетниот лист.

Ќе влеземе во материјална расправа за приходите, значи платите не се единствените приходи, ја сум сопственик на моето друштво, мојата сопруга е сопственик на нејзиното друштво, на крај на годината тие добиваат профит, се плаќа данокот и се подига профитот, значи не е платата единствен начин на заработка. Сите мои трансакции, сите мои поседувања на хартии од вредност на берзата во Република Македонија или кој било друг начин се пријавени таму. Се актуализираше имотна состојба на Шилегов, која Шилегов го повика Никола Груевски јавно кога ќе се врати од Израел заедно да појдеме во оптиката кадешто ги купил своите очила за сонце од 60.000 евра и таа болка на Никола Груевски некој требаше да ја земени со наводно некакво незаконито работење, всушност не ме ни обвинуваат за незаконито работење, ме обвинуваат затоа што сум имал имот. Па што сите во оваа држава треба да заработуваме по 200 евра, за да може Никола Груевски на кратко јаже да не држи и за да мора да молчиме? Не. Структурата во Социјал-демократскиот сојуз е слободоумна.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG