Достапни линкови

Убиството во Куманово и двете струи во ДУИ


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Вчерашното убиство во Куманово е само еден од низата внатрепартиски инциденти во ДУИ, кои на виделина ги вадат длабоките поделби внатре во партијата.

Внатрешните несогласувања во ДУИ не се нешто ново, тие траат од 2001 година, а од време на време ескалираат со тепачки и престрелки, велат аналитичарите, по вчерашното убиство во Куманово, кога беше убиен Џемаил Реџепи, познат како Командант Шчипоња, а двајца негови приврзаници беа ранети.

Ако добро се проанализира, од 2001 година досега има повеќе команданти убиени од страна на ДУИ отколку во војната, што во суштина укажува на таа непринципиелна и неконзистентна политика на ДУИ.

Нив ги застрелале в.д. претседателот на општинскиот огранок на ДУИ, Бајрам Лимани и неговите приврзаници. Реџепи беше претендент за претседател на огранокот.

Универзитетскиот професор Алајдин Демири вели дека конфликтот меѓу идеалистичкото и бирократското крило во ДУИ траат од основањето на партијата, а убиството во Куманово е само еден од низата внатрепартиски конфликти.

Ако албанската политичка сцена во Македонија се стабилизира, ако конкуренцијата навистина се заостри, тогаш и во ДУИ секако дека ќе бидат повеќе преокупирани со политичките противници, отколку со внатрепартиските конкуренти и опоненти.

„Тука постојат две струи – оние кои се концептуалисти и кои сакаат принципиелна политика и бирократите, односно функционерите, кои за несреќа ги водат Али Ахмети и Муса Џафери и тие прават модерна политика, односно политика на компромиси, која завршува со политика на збогатување, тендери итн. Од друга страна, кај овие идеалисти, односно концептуалисти, се јавува огромно незадоволство“, вели Демири.

Четворица активисти на ДУИ беа ранети во меѓусебна вооружена пресметка минатата година во скопското село Кондово. Медиумите тогаш пишуваа дека се судриле групи приврзаници на пратеникот Рафиз Алити и тогашниот министер за правда Блерим Беџети, исто така околу тоа кој ќе го води општинскиот партиски огранок. Пред два месеци, пак, беше фрлена бомба кон седиштето на ДУИ во Мала Речица.

„Ако добро се проанализира, од 2001 година досега има повеќе команданти убиени од страна на ДУИ отколку во војната, што во суштина укажува на таа непринципиелна и неконзистентна политика на ДУИ“, вели Алајдин Демири.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, смета дека внатрешните конфликти во ДУИ се рефлексија на комоцијата што ја има партијата поради исклучително слабата опозиција во албанскиот политички блок.

„Ако албанската политичка сцена во Македонија се стабилизира, ако конкуренцијата навистина се заостри, тогаш и во ДУИ секако дека ќе бидат повеќе преокупирани со политичките противници, отколку со внатрепартиските конкуренти и опоненти“, вели тој.

ДУИ вчера изрази жалење за вооружениот инцидент во Куманово и ги повика надлежните органи да го расветлат докрај. Се наметнува прашањето кои надлежни ги повикува ДУИ, ако се има предвид дека тие веќе седум години се на власт. Муслиу вели дека во идеална ситуација, одговорните во надлежните институции би биле независни од политичките партии што ги назначиле, но тоа не е случај во Македонија.

„Кај нас ситуацијата не е идеална, ние имаме длабоко партизирани институции, така што мислам дека тоа повеќе е дел од пиарот, отколку верување дека институциите ќе одговорат позитивно на јавниот повик или дека тие се толку независни, па им треба дополнителен поттик, а во суштина слушаме како номинираат кандидати, како поминуваат низ нивните кадровски комисии“, вели Муслиу.

ДУИ изрази сочувство до членовите на семејствата кои ги загубија животите во вчерашниот настан, а на повредените им посакува побрзо закрепнување.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG