Достапни линкови

logo-print

Дневен печат - Горештини, мигранти и политички договор


Илустрација.

Илустрација.

Големите горештини, мигрантите и одморот на премиерот Груевски во Израел се само дел од темите што ги обработуваат дневните весници.

Температурите енормно високи, едвај се издржува горештината, но „И на плус 40 се работи на отворено“, пишува Утрински кој додава дека Трудовата инспекција се правда дека препораките од Министерствата за труд и за здравство не се законски обврзувачки, па затоа не санкционира, туку само укажува.

И на плус 40 се работи на отворено.

На овие горештини Македонија продолжува да се соочува со бранот мигранти кои сакаат да одат најмногу во Германија, но многу од нив бараат и добиваат азил и во земјава. Нова Македонија пишува: „Европските земји се пазарат за мигрантите - недоволната контрола на јужната граница од страна на грчките власти и оградата на унгарско-српската граница го наметнуваат и стравот дека транзитните држави може да се претворат во масовен камп на бегалци“.

Додека премиерот е на одмор во Израел, како што соопштија од Владата, но откако по социјалните мрежи и печатените медиуми се појави негова фотографија како се сонча некаде на израелското море, Хан вели дека нема одмор за институциите кои треба да го имплементираат договорот од Пржино и оти ЕУ има свој начин на контрола на работата. Изјавата, што ја пренесоа сите печатени медиуми дојде по обвинувањата од страна на Шеќеринска дека ВМРО-ДПМНЕ ја опструира имплементацијата на лидерскиот договор.

Дневник информира дека за денеска, четврток, попладне, постои втор обид за одржување на првата работна средба и потсетува дека првата беше откажана поради обврските на министерот за надворешни, Попоски, во Брисел. Темата се изборните реформи и ДИК.

„Обвинителството ʼпроговориʻ за прислушувањето“, објави Утрински, кој го наведува соопштението на Јавното обвинителство во кое се правда дека целата врхушка на владејачката партија била опфатена со истрагата за содржината на прислушуваните разговори. Бил сослушан, на пример, Мијалков. Детали од изјавата не се објавени.

Инаку, продолжуваат вработувањата во министерствата. За седум месеци, ја пренесува Утрински изјавата на министерот Ристовски, во образованието, на пример, добиле постојано вработување 877 лица. Ристовски информирал дека заедно со претходните трансформации на работниот однос од определено во неопределено време, има околу осум илјади променети работни односи, како што ги нарекува министерот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG