Достапни линкови

Продолжува повлекувањето на оружјето од источна Украина


Продолжува повлекувањето оружје од источна Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Продолжува повлекувањето оружје од источна Украина

Украина и проруските сепаратисти постигнаа начелен договор за натамошно повлекување на оружјето од источна Украина во кое ќе бидат вклучени тенкови и помали орудија. Тоа веќе требаше да биде направено, но двете страни меѓусебно се обвинуваат дека го користат скоро секојдневно.

Во договорот што беше постигнат во февруари годинава во белорускиот главен град Минск се предвидуваше оружјето со калибар над 100 милиметри досега да биде повлечено од источна Украина.

Меѓутоа, токму тоа оружје се уште се користи во кршењето на примирјето и во убивањето луѓе.

Последниот договор беше постигнат синоќа од таканаречената „контакт група“ во која се вклучени Украина, Русија и проруските сепаратисти под медијаторство на ОБСЕ.

Мислам дека е многу направено за да се постигне повлекување на тенковите и на оружјето со помал калибар. Се надевам дека нашата работа ќе даде поттик за продолжување на мировниот процес.
Ивица Дачиќ, претседавач на ОБСЕ.

Претседавачот на ОБСЕ, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, соопштувајќи дека Украина и проруските сепаратисти постигнале начелен договор за продолжување на повлекувањето на оружјето од источна Украина, побара од двете страни целосно да ги прекинат нападите и да го почитуваат примирјето.

„Мислам дека е многу направено за да се постигне повлекување на тенковите и на оружјето со помал калибар. Се надевам дека нашата работа ќе даде поттик за продолжување на мировниот процес“, изјави тој.

Со слични оценки се јавија и претставниците на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск.

Претходнo, проруските сепаратисти соопштија дека веќе неколку дена го повлекуваат тешкото оружје и воената опрема од линијата на конфликтот.

Неколку медиуми биле поканети да го следат повлекувањето, кое, пак, беше надгледувано од претставници на ОБСЕ.

Над шест ипол илјади луѓе се убиени од почетокот на конфликтот во источниот дел на Украина во април минатата година.

Жртви скоро секојдневно има и по постигнувањето на договорот за примирје во февруари годинава.

Русија и бунтовниците ги обвинуваат украинските лидери дека не го спроведуваат договореното, додека Киев и Западот велат дека тоа го прават Москва и бунтовниците.

Во меѓувреме, во Вашингтон се почесто се спомнува дека би можело на Украина да и даде смртоносно оружје.

Генерал Марк Милеј кој е номиниран за иден шеф на американската армија изјави дека Русија претставува најголема закана за Соединетите Држави поради нејзиниот нуклеарен арсенал и нејзиното, како што рече „многу агресивно однесување од 2008 година“.

„Тоа е за загриженост. Јас би бил за тоа на Киев да му се даде смртоносно одбранбено оружје“, рече тој пред ресорниот сенатски комитет.

Соединетите Држави се воздржуваат да го сторат тоа, бидејќи страхуваат од ескалирање на конфликтот.

Генерал Марк Милеј додаде дека фаворизира и привремено зголемување и ротирање американските копнени сили во Европа со цел одвраќање на евентуална руска агресија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG