Достапни линкови

logo-print

Кредиторите може да го олеснат долгот на Грција


Европските кредитори се договорија да го олеснат должничкиот товар на Грција, доколку Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас навреме ги спроведе сите реформи неопходни за реализација на тригодишната програма за финансиска помош, изјави денеска еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси.

„Еврогрупата го разгледа ова прашање. Се договоривме да ја намалиме каматната стапка (на кредитите) и да го продолжиме рокот за (нивна) отплата“, изјави Московиси.

Еврокомесарот потенцира дека олеснувањето ќе се случи „кога ќе дојде време за тоа“, односно по завршување на преговорите за новата програма „за помош и развој“.

Московиси, кој е поранешен француски минстер за финансии, нагласи и дека Грција треба да остане во еврозоната.

Ваквата најава на Московиси доаѓа откако германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека се противи на отпишување на грчкиот долг на „класичен начин“, но дека не ја исклучува можноста за продолжување на рокот на доспевање на кредитите и за намалување на нивните каматните стапки.

Од друга страна, словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека Словачка ќе се спротивстави на отпишување на грчкиот долг и дека прва ќе бара исклучување на Грција од еврозоната, доколку Атина не ги спроведува договорените обврски.

XS
SM
MD
LG