Достапни линкови

Половина од плажите небезбедни за капење


Туристичката сезона во полн ек, а десетина плажи на Охридското Езеро немаат спасувачи на вода. Охридскиот Црвен крст ја утврдил состојбата и ги известил надлежните, но се чини дека проблемот ќе продолжи, исто како и минатите години.

Десеттина плажи покрај Охридското Езеро сè уште се без спасители на вода, иако туристичката сезона е во полн ек и во Охрид и во Струга. Од Црвениот крст во Охрид, кои се надлежни за поставување на спасители на вода, велат дека некои од концесионерите сè уште не постапуваат по нивната законска обврска да постават спасувачи и со тоа да го подобрат нивото на безбедност на плажите.

Ние имаме дел плажи, некаде 13 плажи на охридското крајбрежје кои сè уште ги немаат одбележано плажите, а да не зборувам за ангажирање на спасители.

„Има плажи, има концесионери кои подлежат под одредена законска регулатива за обезбедување на доволни услови за безбедно капење, спорт и рекреација. За жал, секоја година имаме проблеми со навремено поставување на безбедносни мерки и критериуми. Ние имаме дел плажи, некаде 13 плажи на охридското крајбрежје кои сè уште ги немаат одбележано плажите, а да не зборувам за ангажирање на спасители. Нашите служби извршија увид на состојбата на крајбрежјето, на 6 јули и ги информираа сите надлежни служби во државата, од Министерство за транспорт и врски до локалната самоуправа да влијаат на концесионерите и онаму каде нема концесионери, а се користи таа плажа и да се воспостават безбедносните критериуми“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.

Точков рече дека во Струга од 15 плажи само 6 плажи имале воспоставени безбедносни критериуми и оти останатите биле небезбедни за капење, спорт и рекреација.

Црвениот крст неодамна доби и спасители на брзи води. Обуката на реката Црни Дрим ја вршеа претставници на Операција Флоријан од Велика Британија.

Имам забележано дека многу капачи не ги почитуваат правилата и начелата од страна на спасителите кои им ги кажуваме, но се надеваме дека ќе се поправат и ќе не почитуваат повеќе.

„Осум наши спасители и двајца тренери ќе бидат подготвени да го пренесат своето знаење, техники и вештини насекаде низ Македонија. Спецификата на Црни Дрим е што таму е забрането капењето и обележано е и со информативна табла и тоа не се когаш се почитува, а имало и давеници. За да има интервенции во такви брзи води мора да има спасители, не во таков случај да се повикуваат спасителите од Охрид за давеник кој се дави во Црни Дрим“, рече Точков.

Досега спасителите на вода имале повеќе од 11 интервенции на вадење на давеници, додека минатото лето во текот на целата сезона имале 34 такви случаи, но голем е бројот на укажување на прва помош и заштита.

„Имам забележано дека многу капачи не ги почитуваат правилата и начелата од страна на спасителите кои им ги кажуваме, но се надеваме дека ќе се поправат и ќе не почитуваат повеќе“, изјави Марио Наумоски, спасител на вода.

Се очекува бројот на гости во Охрид и Струга да се зголемува во наредниот период, а со тоа и потребата од спасители.

XS
SM
MD
LG