Достапни линкови

logo-print

Хан: нема време за губење


Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и Европската унија на вчерашниот состанок во Брисел ги потврди, како што беше истакнато на прес конференцијата по состанокот, силните и тесни врски меѓу двете страни. Притоа Европската унија изрази силна поддршка на договорот од 2 јуни и на протоколот од 15 јули за надминување на политичката криза. „Процесот и транзицијата што следува од сега до предвремените избори во идниот април е можност за Македонија. Унијата ги повикува сите македонски лидери добро да ја искористат оваа можност“, изјави словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак кој копретседаваше со состанокот. Според него, била истакната посветеноста на сите политички лидери да го исполнат предвиденото со протоколот и оти министерот за надворешни работи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Поповски и Фатмир Бесими кои учествуваа на состанокот потврдиле дека оваа порака била разбрана во Скопје. Еврокомесарот Јоханес Хан, изразувајќи задоволство од постигнатиот договор за надминување на кризата, изјави дека нема одмор за институциите. „Се разбира секој има право на одмор но нема одмор за институциите за да се подготви примената на договореното. На 15 септември треба да има специјален обвинител како што фиксиравме. Треба да ја почнеме имплементацијата на договореното со оглед на она што се треба да се направи. Имам намера во септември да свикам разговори за асоцирање на високо ниво на кои ќе се разгледа прогресот на земјата. Договорот не е гаранција за идниот Извештај за прогресот на земјата кон Унијата, но ја остави отворана вратата за евроатланската иднина на земјата“, изјави еврокомесарот Хан. Министерот Поповски изјави дека се разговарало и за добрососедската соработка и оти најновите мерки со Грција, како и напредокот во комуникацијата со Бугарија одат во насока на зајакнување на довербата. Вицепремиерот Бесими пак информираше и за средбата што заедно со министерот Поповски ја имале со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

XS
SM
MD
LG