Достапни линкови

Нема лек за лековитата Кумановска бања


Од познатата Кумановска бања остана само еден вир. Иако во овој геотермален извор многумина нашле лек за малку пари, надлежните во последните три години го запустија и она што било порано направено.

Поминуваат три години како по лековитоста надалеку прочуената Кумановска бања прерасна во дива, од која остана само вир во близина на една од чешмите. Оние кои пред години тука го наоѓаа лекот за гастрит, чир на дванаесетпалачното црево, за прележан хепатит, за хронично воспаление на дебелото црево и полесни форми на шеќерна болест, за мочните патишта и мочниот меур, за бубрезите, за неврози, несоници, психички и нервни исцрпености, гинеколошки проблеми, егземите и разните дерматити, за обновување на ткивото, а беа не само од Куманово, туку и од другите градови, регионот и од западноевропските земји, лекот сега го бараат на други места.

Сум правел и јас и фамилијата. Вировите не се бања. Сè ќе пропаѓа, се гледа сега кој да ја „лапне“, некој од тие брзопечени богаташи. Ова е државно, народно, природно богатство. Како Врњачка бања беше.
Јоцо Манц, жител на Куманово.

За лековитоста на бањата за која сè уште се раскажуваат легенди, се вели дека можеше да биде како Виши во Франција, Вилдунген и Маријанске Лазње во Чешка, или, пак, како Врњачка и Буковичка бања во Србија. Иако во овој геотермален извор многумина нашле лек за малку пари, надлежните во државава, не само што не го одржуваат, туку го запустија и она што било направено во 50-тите и 60-те години од минатиот век.

Најупорните или најносталгичните кумановци и во вирот се капат, ги држат нозете за да водата допре до болните точки на нивниот организам, или, пак, да не дозволат таа сосема да замре. Неизвесно е колку ќе помогнат, зашто околината на бањата повеќе наликува на дива депонија, одошто на природно богатство кое може да се негува, чува и од него да профитира и градот и државата.

Кумановска бања е на само три километри од градот во месноста Вруќа Вода, во селото Проевце.

За утеха на оние кои не можат да прават бањи, на двете чешми полнат пластични садови и ја конзумираат. Некои од нив велат дека и бањата е жртва на транзицијата.

„Убаво е Проевце, ама никој не води ред за бањата.“

„Сум правел и јас и фамилијата. Вировите не се бања. Сè ќе пропаѓа, се гледа сега кој да ја „лапне“, некој од тие брзопечени богаташи. Ова е државно, народно, природно богатство. Како Врњачка бања беше“, се сеќаваат Бранко Павловски и Јоцо Манц, пензионери и, како што велат, стари кумановци.

Оние што прават бањи во вирот не сакаат да зборуваат јавно, освен што дофрлаат дека имаат големи маки и дека затоа за без пари го користат благодетот и лековитите својства на овој геотермален извор.

Понекогаш најблагодарните сами го чистат вирот и се обидуваат колку-толку да го уредат, но тоа е за кусо, оти вирот не се одржува континуирано.

И како што се раскажуваат легенди дека многу деца и возрасни тука ги „фрлиле“ штаките, прогледале, но и се подмладувале, оти водата го обновува ткивото, така и сега се зборува дека некој ја земал бањата под концесија, но не знаат што ќе прави со неа.

Засега се гледа единствено дека нема лек за лековитата вода во Кумановска бања. Транзицијата и негрижата го уништува ова природно богатство.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG