Достапни линкови

Голем пожар во подножјето на Галичица


Во подножјето на планината Галичица, во близина на 110 киловолтниот трансформатор од каде главниот туристички центар во Македонија, Охрид, се снабдува со електрична енергија, изби пожар. Според надлежните институции, пожарот избил на две локации, но иако дел од него е локализиран, цела ноќ ќе се следи состојбата на терен, поради поголема сигурност.

„Гори борова шума и сува трева, што го отежнува гаснењето на огнот“, изјави Наумче Новески, раководител на секторот за пожари при НП Галичица.

На помош се екипи на јавното претпријатие Охридски комуналец и нивни вработени се распределени по линијата на пожарот за да не дојде до негово ширење. Состојбата на терен ја следат и Црвен крст од Охрид, Националниот парк Галичица како и Противпожарната служба на Охрид. На лице место дојде и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

„На две точки имаме два пожари и сè уште не ги знаеме причините. Кога ќе заврши пожарот ќе може да се направи една истрага и да се види од што настана пожарот. Се бориме да не ни избега од раце пожарот. Две третини е локализиран пожарот, но имаме уште една точка. Она што е критично сега е јужната страна, но таму го имаме стариот пат за Рамне кој е природна пречка за ширење на пожари“, рече Новески.

На местото каде што беше пожарот се наоѓа и трасата на далноводот. Пламени јазици и густ чад можеа да се забележат и од делови од Охрид.

Извршена била комплетна мобилизација на противпожарната единица во Охрид, а на терен веднаш излегле 18 пожарникари. Делови од Охрид попладнево половина час останаа и без електрична енергија.

XS
SM
MD
LG