Достапни линкови

Послаба економија, поголем буџет и нови задолжувања


Нелогично е да се очекува економски раст понизок од планираниот, а повеќе пари во буџетот, реагираат економистите на предложениот ребаланс. Тие очекуваат владата да продожи да се задолжува.

Економијата ќе расте помалку од претходно планираното, а во буџетот ќе се соберат повеќе пари отколку што се планираше претходно, предвидува предлогот за ребаланс на буџетот што беше усвоен на владината седница во четвртокот. Економистите укажуваат дека ова е нелогично да се очекува.

Мое објаснување е тоа што Македонија политички се наоѓа во крајно сложена ситуација и тие сакаат со вакви, колку и да се неекономски и нелогични, мерки да ги задржат ветувањата што премиерот ги пласира по разни митинзи за разни групи корисници и со тоа да ја држи политичката клима во негова корист.

Според предложениот ребаланс се предвидува растот на БДП годинава да биде 3,5 отсто, за разлика од сегашниот буџет во кој се предвидува раст од 4 отсто. Од друга страна, се очекува во државната каса да се соберат 58 милиони евра повеќе од претходно предвиденото, односно вкупно 2,7 милијарди евра. Државата исто така планира да потроши 84,6 милиони евра повеќе од претходното планираното, односно расходите да достигнат 3 милијарди и 40 милиони евра. Буџетскиот дефицит се продлабочува за 27 милиони евра, односно државата планира да потроши 327 милиони евра повеќе отколку што ќе прибере од даноци и други давачки. Буџетскиот дефицит во првата половина од годинава изнесува 155 милиони евра.

Повеќе расходи се предвидени во буџетот за да се спремаат разни злоупотреби за изборите наредната година. Нема да ги соберат од даноци, ќе се задолжат, скапо, скапо, што им е гајле, нема тие да ги враќаат, граѓаните ќе ги враќаат.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ваквиот ребаланс е крајно нелогичен.

„Мое објаснување е тоа што Македонија политички се наоѓа во крајно сложена ситуација и тие сакаат со вакви, колку и да се неекономски и нелогични, мерки да ги задржат ветувањата што премиерот ги пласира по разни митинзи за разни групи корисници и со тоа да ја држи политичката клима во негова корист“, вели Хајредини.

Тој вели дека во ваква ситуација, владата не може да си дозволи да ризикува појава на незадоволство, особено кај администрацијата и пензионерите, и затоа, ако треба, ќе го зголеми задолжувањето за да ги задоволи нивните потреби.

Со него се согласува и доскорешниот потпретседател на СДСМ, професор Ванчо Узунов. На, како што вели, нелогичниот ребаланс гледа како на алатка за подобрување на позицијата во пресрет на изборите.

„Повеќе расходи се предвидени во буџетот за да се спремаат разни злоупотреби за изборите наредната година. Нема да ги соберат од даноци, ќе се задолжат, скапо, скапо, што им е гајле, нема тие да ги враќаат, граѓаните ќе ги враќаат“, вели тој.

Узунов посочува дека владата е свесна дека нема да собере толку пари, но оти игра „евтина политичка игра“.

Сличен буџетски парадокс, само во обратна насока, се случи при носењето на ребалансот на буџетот за 2014 во септември минатата година. Со тие измени, владата предвидуваше раст поголем од претходно предвидениот, а помали буџетски приходи. Економистите и тогаш реагираа дека тоа е спротивно на логиката. На крајот излезе дека буџетот е промашен за над 100 милиони евра, и на приходната и на расходната страна, а буџетскиот дефицитот достигна 360 милиони евра, односно 41 милиони евра повеќе од планираното.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG