Достапни линкови

Неделниците за изборите и преговорите


Преговорите за излез од кризата, меѓународниот притисок, подготовката за избори, оставките во најава, се само дел од темите во неделниците.

Во најновите изданија, неделниците, од кои правиме преглед на нивното пишување, имаат вакви насловни страници: Република - „СДСМ ќе мора да оди на избори, Пресуда за Заев на 24 април“; Фокус - „Хан и Нуланд му одброија на режимот, Груевски во нокдаун“. Вистината, како и секогаш, веројатно е некаде на средината.

Тик-так, ономатопејата на детонаторот сериозно отчукува во СДСМ.
Република.

Република - СДСМ и Заев се плашат од избори

Република цврсто стои на својата теза дека СДСМ и неговиот лидер, Зоран Заев, се плашеле од избори, но дека, ете, меѓународната пресудила и избори ќе има догодина во април. А ВМРО-ДПМНЕ ич не се плашел од нив. „Тик-так, ономатопејата на детонаторот сериозно отчукува во СДСМ“, пишува Република и додава дека овој пат, експлозивната направа не била една од „петардоидните бомби на Заев“, туку вистинска, разорна бомба. „Се вика избори и ќе значи крај на маките на државата и на граѓаните кои повеќе од една година живеат во опозициски фингираната криза“, смета Република.

Фокус - Груевски од сите страни сардисан

„Веќе спакуваниот Груевски се распакува. Не за долго“, пишува Фокус и додава: „Од сите страни е сардисан. Како донекаде и Ахмети. Поради недемократското и автократско практикување на власта. Се потврди дека главниот проблем - Груевски, не може и не смее да биде и дел од решението! Кога-тогаш, низ нос ќе им излезе сè што правеле или не правеле, само за да бидат или да останат на власт“, пишува авторот на анализата и завршува: „Во Европа, во 21-от век нема место за ʼФирер-штат‘ на кој било пастир!“ Во уводникот, пак, Фокус предвидува дека „Во паѓањето на рати“ сè почнува допрва и дека „Македонија влегува во турбулентен период... Политичката тензија ќе расте така како што ќе расте судирот на концепти во новата Влада. Сето тоа под притисок на изборите кои ќе бидат ʼда се биде или не‘ за двете политички гарнитури. Но и за Македонија и нејзините граѓани. Човечињата да станат луѓе“, пишува Фокус.

Кога-тогаш, низ нос ќе им излезе сè што правеле или не правеле, само за да бидат или да останат на власт.
Фокус.

Глобус - Со криминалци не се преговара

Авторката на колумната во Глобус порачува дека „Со криминалци не се преговара“ и дефинитивно тоа мора да биде црвената линија од која не смее да се отстапи. Во текстот во кој го искажува своето сомневање дека Заев полека влегува во мрежата на бирократскиот процедурализам, толку вешто поставена од Груевски и веќе видена на неколку примери каде што неговата Влада треба да гасне пожари. Оттаму, нагласува Глобус, лицитирањето со термините за повлекување на Груевски од владата дефинитивно води кон блокирање и опструирање на сите најавени промени во системот кои треба да овозможат услови за фер и демократски избори. На крај, и упатување порака, токму со зборовите на Груевски искажани во Парламентот: „Вистината е како шило, Никола. Врти, врти и излегува на површина. Вистината е дека ти си криминалец и колку и да се вртиш, тој факт ќе излезе на површина. Вистината е дека ти веќе никому не си, не треба и не смее да му бидеш рамноправен преговарач за иднината на мојата држава, која најдрско ја изневери... Некои работи се непростливи, Никола“, порачува авторката на колумната во Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG