Достапни линкови

Правна рамка, кус рок за назначување, кој би се нафатил да го работи тоа, кои ќе му бидат надлежностите, колкав тим ќе има, па тука се и притисоците...Специјалниот обвинител кој треба да се назначи наскоро отвара многу прашања.

Првиот проблем кој ќе настане со поставувањето на специјалниот јавен обвинител, е правната рамка, односно измените на законот кои ќе треба да се направат за да се дефинира неговиот мандат и неговите надлежности. Според договорот на политичките лидери, до 15 септември треба да се избере нов специјален обвинител, кој ќе има целосна автономија за да ја води истрагата за прислушуваните разговори. Опасноста во овој сегмент се однесува на можните политички несогласувања во Парламентот околу надлежностите и изборот на обвинител што би довеле и до пробивање на рокот.

Не добиваме ништо со тоа што ќе направиме три паралелни обвинителства, што ќе правиме ако сите тројца велат ова е моја надлежност или пак велат ова не е моја надлежност. Кој ќе одлучува чија е надлежноста?

Дополнително треба да се земе предвид дека кога станува збор за прислушувањето, треба да се разгледуваат два апсекта- кој прислушувал и содржината на изнесените материјали, што пак само по себе има кривична супстанца.

Едно од основните прашања е и кој би се нафатил да го работи тоа ако го има предвид искуството на Борче Давитковски со анкетната комисија за случувањата од „црниот понеделник“ на 24 декември.

Дополнително може да се проблематизира и прашањето за тимот што треба да го формира специјалниот обвинител кој ќе работи во делот на организиран криминал и ќе има доволно простор да истражува независно, без опструкции од власта, со оглед на тоа што ќе користи ресурси од обвинителството и Министерството за внатрешни работи. На функцијата нов министер за внатрешни работи ќе седне човек од СДСМ, а одобрен од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на 20 октомври.

Јас мислам дека во вакви ситуации, кога се работи за индиции за такво масовно кршење на човекови права, меѓународното ниво треба да биде активирано веднаш.

Адвокатот Јован Јоанидис кој бил и обвинител и истражен судија, предупредува и на можноста за создавање на паралелно обвинителство.

„Треба во закон да се дефинира колкав ќе биде тимот наСпецијалниот јавен обвинител. Може тој да каже дека сега цело обвинителство ќе го ангажира и да имаме паралелно обвинителство. Покрај јавното обвинителство сега постои и јавно обвинителство за организиран криминал на Македонија и сега да имаме и специјално обвинителство за што? За слушање на ленти. Не добиваме ништо со тоа што ќе направиме три паралелни обвинителства, што ќе правиме ако сите тројца велат ова е моја надлежност или пак велат ова не е моја надлежност. Кој ќе одлучува чија е надлежноста?“

Јоанидис вели дека не треба да се заборават и можните опструкции кон работата на специјалниот обвинител.

„Мислам дека секој нормален човек ќе очекува Специјалниот обвинител да добива опструкции во насока да не биде некој обвинет. Викаат давеник за сламка се фаќа, обвинетиот мора да мисли да биде невин. Ќе прави опструкција, дали ќе прави преку притисоци од партиски функционери, од органите на партиите, дали ќе биде тоа опозицијата или позицијата не се знае, но тоа е нормална работа. “

Кога станува збор за истрага околу аферата прислушување, Марина Шкрабало од храватската невладина организација „Платформа 112“ во неделното интервју за Радио Слободна Европа вели дека политичките актери треба да сносат одговорност доколку не се покрене квалитетна истрага.

„Јас мислам дека во вакви ситуации, кога се работи за индиции за такво масовно кршење на човекови права, меѓународното ниво треба да биде активирано веднаш, затоа што не можете, Македонија е потписник на европските конвенции за заштита на човековите права, на европските повелби, Македонија е дел од меѓународниот суд за заштита на човекови права и која било друга инстанца, ако тоа вашата власт и вашите институции не го направат, тоа мора да го направи некој друг. “

Со договорот за формирање на специјален јавен обвинител за аферата „прислушување“ се отвора дилема за можниот исход од случајот „Пуч“ за кој првото рочиште е закажано на 5-ти август, односно, ако се суди по меѓусебните обвинувања, и Груевски и Заев да завршат на суд пред изборите. На крајот на денот важно е по спроведената истрага да има суд кој ќе може да постапува независно по предметите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG