Достапни линкови

Владата го усвои ребалансот на Буџетот


Владата на Република Македонија на денешната седница го усвои ребалансот на Буџетот за 2015 година.

Како што информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција во Владата, се работи за измена која не е голема по обем и која вклучува поместување на позициите таму каде политиките, мерките и проектите на Владата го налагаат тоа без да ги измести основните макроекономски параметри, пренесува МИА.

„Ребалансот не вклучува кратење на буџетите на ни еденбуџетски корисник, туку претставува поместување на одредени позиции таму каде што поради одредени политики, мерки и активности треба да се додадат средства или каде што проектите се одвиваат подобро од што првично сме планирале. Појдовните претпоставки за изработка на ребалансот вклучуваат и ревидирање на проекциите за БДП и за движењето на приходната и расходната страна“, рече Ставрески, нагласувајќи дека растот на БДП за 2015 година е ревидиран на 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит ќе изнесува 3,6 проценти од БДП.

Тој посочи дека Буџетот во првата половина од годинава е во добра кондиција и додаде дека на приходната страна буџетските приходи се подобри од очекувањата и подобри од планираните.

Сепак, и покрај неговите изјави дека буџетот се полни подобро од планираното, очекуваниот раст на БДП се намалува од 4 на 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит се зголемува од 3,5 на 3,6 отсто од БДП, односно од планираните 300 се продлабочува на 309 милиони евра.

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со мај, државата потрошила 128 милиони евра повеќе отколку што собрала од даноци и други давачки.

XS
SM
MD
LG