Достапни линкови

logo-print

Судири во Атина во очекување на мерките за штедење


Пред грчкиот парламент избија судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека во парламентот се очекува гласањето на непопуларните мерки за штедење, кои се потребни за земјата да добие помош од меѓународните кредитори. Една група од 200 млади лица фрлаше молотови коктели и камења кон полицијата, која одговори со солзавец и со спреј кон демонстрантите.

Полицијата соопшти дека се уапсени десетици демонстранти за време на едночасовните судири што е најжестокото насилство откако владата на левичарскиот премиер Алексис Ципрас дојде на власт пред шест месеци.

Претходно, повеќе од 10.000 луѓе одржаа мирен протест во центарот на Атина во знак на протест против предлог-законот за штедење, кој вклучува зголемување на даноците, реформи во пензискиот систем и други кратења. Судирите запреа кога почна дебатата во Парламентот, а неколку стотици демонстранти останаа на централниот плоштад Синтагма опкружени со силно полициско присуство.

Парламентот треба да гласа по полноќ на 15 јули.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас се соочува со сè поголем бран на непријателство од страна на членовите на неговата партија во пресрет на гласањето во парламентот за предлог-законот за штедење. Се очекува пратениците да го поддржат предлог-законот за штедење, во голема мера поради поддршката од опозициските пратеници за договорот меѓу Атина и нејзините доверители.

Но, пакетот мерки е во спротивност со суштината на политиките на СИРИЗА. Се очекува голем дел од пратениците на СИРИЗА да гласаат против пакетот, покренувајќи го прашањето дали владата на Ципрас може да преживее во сегашната форма.

Грчкиот заменик министер за финансии Надиа Валавани рече дека нема да гласа во корист на законот и поднесе оставка од нејзината функција. И генералниот секретар на Министерството за финансии Манос Маносакис исто така денеска се повлече од функцијата

XS
SM
MD
LG