Достапни линкови

Сè помалку работа во Куманово


Наемни работници во Куманово.

Наемни работници во Куманово.

Сега има и Македонци и Албанци кои сечат дрва, а порано само ние Ромите, сега тоа парче леб го делиме, вели еден од работниците што чекаат некој да ги повика за физичка работа во центарот на Куманово.

Кумановската тумба на која работниците од рано наутро чекале некој да ги повика за каква било физичка работа, одамна не постои. Но, оние што бараат работа, на другиот дел од центарот на градот повеќе од две децении лете и зиме, кога дува, врне или вее, со подготвените алатки, секој ден се редат и чекаат работа. А работа и заработувачка сè помалку има, велат тие и додаваат дека и нив ги „јаде“ нелојална конкуренција, сами создаваат ред, ценовник на услугите, од заработувачката ги прехрануваат семејствата и купуваат современи алатки.

Чекаме за сечење дрва, ама нема работа. Многу е скапо, три илјади и 300 денари буково дрво, многу е скапо. Ние земаме 150 денари од кубик. Не можеме да живееме само од оваа работа. Работам повеќе од 20 години, голема фамилија сме и не може да се живее.

„Чекаме за сечење дрва, ама нема работа. Многу е скапо, три илјади и 300 денари буково дрво, многу е скапо. Ние земаме 150 денари од кубик. Не можеме да живееме само од оваа работа. Работам повеќе од 20 години, голема фамилија сме и не може да се живее“, раскажува 43-годишниот Шефкет Реџеповски и додава дека одамна за сечење огревно дрво не се користи секира, туку моторни пили, а од пред една година и циркулар.

„Луѓето повеќе бараат да работиме со циркуларче, не фрла многу отпад, не го троши дрвото, ама не се исплати“, вели тој.

„Јас повеќе од 15 години работам, но работа како порано нема. И криза за дрва и скапо е. И многу сме другари, за да не се тепаме, да не се караме, туку водиме евиденција, сами одржуваме ред, околу цена се договараме, конкуренција има, некој не лаже дека има 15 кубика, а има 20. Нема каде да одиме. Работата е катастрофа. Нема подобро, нема каде да одиме. Ова е само три месеци и после нема“, вели друг работник.

Не е како порано кога сечевме и по сто кубици. Сега има и Македонци и Албанци кои сечат дрва, а порано само ние Ромите, сега тоа парче леб го делиме.

„И зиме излегуваме од зорт. Немаме каде да одиме да работиме и да поживееме. Нас Ромите нè враќаат од граница. Границите се отворени, а само нас не враќаат“, вели работник.

„Работиме, копаме со мотика, но тоа е само околу 15 дена. Ние не бираме работа, ако нè повикаат за селидби. Сиромашни сме. Работиме за да ги исхраниме децата. Децата одат на школо. Бараат пари, не знаат дали има. Сега е нов амбиент и децата бараат, не знаат дали има или не“, вели еден од работниците кои секое утро од 5 часот доаѓаат за да зафатат ред.

„Не е како порано кога сечевме и по сто кубици. Сега има и Македонци и Албанци кои сечат дрва, а порано само ние Ромите, сега тоа парче леб го делиме“, вели 37-годишниот Елвер Исени, татко на три деца.

Тој додава дека за неговото петчлено семејство му следува социјална помош од илјада и 500 денари месечно.

„И струја и вода да платиш. Нека ми најде работа што било, јас ќе работам за да имам да го поминам месецот, а потоа да имам и пензија. Нема работа како порано, затоа и луѓето почнаа многу да се мразат меѓу себе. Ќе се испоубиваат“, раскажуваат Ромите и во исто време со љубопитен поглед ги пресретнуваат минувачите, за да не пропуштат некој потенцијален муштерија.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG