Достапни линкови

Словенија отвори конзулат во Охрид


По Турција и Полска, и Словенија отвори конзулат во Охрид, кој ќе работи на промоција на туризмот и културните и историски вредности на двете држави.

Во Охрид деновиве беше отворен почесниот конзулат на Словенија, трет по ред во нашиот најголем туристички центар, по оние на Турција и Полска. Според почесниот конзул Шенол Ислам, една од главните заложби на конзулатот ќе биде и промоција на туризмот и културните и историски вредности на двете држави.

Со Словенците одлично се познаваме. Делиме иста историја, соработуваме во сите области. Конзулатот на Словенија во Македонија многукратно ќе придонесе за подобрување на соработката на сите нивоа, економско, политичко и културно.
Шенол Ислам, почесен конзул на Словенија.

„Со Словенците одлично се познаваме. Делиме иста историја, соработуваме во сите области. Конзулатот на Словенија во Македонија многукратно ќе придонесе за подобрување на соработката на сите нивоа, економско, политичко и културно. Интерес на конзулатот на Република Словенија во Охрид ќе биде и областа на туризмот кој претставува голем двигател на современите економии, преку кој ќе се овозможи промовирање на културните вредности и природните богатства на двете земји“, рече Ислам.

Охрид располага со потенцијал да привлече што е можно повеќе гости од Словенија, вели Сашо Апостолоски од туристичката агенција Венус травел од Охрид, која се занимава со носење на гости од оваа земја во Охрид. Тој вели дека Словенците повеќе ги интересира оној туризам кој се разликува од класичниот.

Од секогаш имало интерес кај словенечките гости, поготово пред сезона и после сезона, малку послабо е во сезона. Тие се доста заинтересирани за Охрид и неговата околината како Вевчани.
Сашо Апостолоски, туристички работник.

„Од секогаш имало интерес кај словенечките гости, поготово пред сезона и после сезона, малку послабо е во сезона. Тие се доста заинтересирани за Охрид и неговата околината како Вевчани. Претежно тие туристи се планинари или доаѓаат со велосипеди. Тоа не е класичен туризам. Има многу кои доаѓаат моторџии и мислам дека секој кој има мотор доаѓа на лето во Охрид. Јас мислам дека повеќе реклама треба во Словенија за Охрид и Македонија и тоа е нешто што ни фали. Не би било лошо да се воспостави чартер линија Охрид - Љубљана како што имаше порано“, вели Апостолоски.

Охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески вели дека словенечкиот конзулат ќе придонесе уште повеќе за доближување на Охрид до словенечките граѓани.

„Господинот Ислам, како роден охриѓанец и бизнисмен ќе знае не само да ја промовира Република Словенија, туку и својот роден Охрид да го доближи уште повеќе до словенечките граѓани“, рече Бакрачески.

XS
SM
MD
LG