Достапни линкови

Можеби ќе има опструкции и одложувања, но договорот за излез од политичката криза ќе мора да се спроведува, затоа што негов гарант се ЕУ и САД, велат аналитичарите.

Договорот за излез од политичката криза во Македонија, кој беше постигнат доцна синоќа, за експертите е појдовна точка за да се реши ситуацијата во земјата, при што повеќето од нив очекуваат партиските лидери да го почитуваат и спроведат во наредниот период. Политичкиот аналитичар Здравко Савески вели дека договорот е доста компромисно решение кое на Груевски му дава шанса да се извлече и преку притисоци и малверзации да остане на власт и по закажаните избори, но им дава и на граѓаните можност да го надминат стравот и преку изборите да ја принудат власта да се повлече.

Знаејќи ја нејзината претходна практика, ќе се труди сето ова што е договорено да го обезвредни и особено да ја ограничи моќта и влијанието на оние министри кои нема да бидат од владејачкото мнозинство.

„Самиот факт што е договорено под силен меѓународен притисок значи дека не постои некоја посебна волја, особено од страна на власта, да го почитува она што е договорено. Знаејќи ја нејзината претходна практика, ќе се труди сето ова што е договорено да го обезвредни и особено да ја ограничи моќта и влијанието на оние министри кои нема да бидат од владејачкото мнозинство“, вели Савески.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека, иако постигнувањето на договорот беше тешко, бидејќи позициите на актерите, посебно на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, беа спротиставени, на крајот се донесе компромисно решение кое ги има сите предуслови за да се средат работите во Македонија.

Фактот дека премиерот Никола Груевски прифати, значи дека договорот треба и мора да се реализира и спроведе. Не верувам дека после ова може да се кријат некои тајни намери и неспроведување на договорот, затоа што за него гарантира целата ЕУ на чело со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

„Фактот дека премиерот Никола Груевски прифати, значи дека договорот треба и мора да се реализира и спроведе. Не верувам дека после ова може да се кријат некои тајни намери и неспроведување на договорот, затоа што за него гарантира целата ЕУ на чело со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан“, вели Демири.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека би требало да се почитува договореното и гарант на тоа се и ЕУ и САД. Според него, она што се најавуваше се оствари, односно дека секој договор ќе значи победа за Македонија.

„Исто така беше значајно во самиот договор и двете страни да бидат победници, односно губитници, и видовме дека така испадна. Така што мислам дека и двете страни на овој начин излегоа со позитивни коментари, а најпозитивно е за самата држава. Ова ни го отвара патот за продолжување на македонските евроатлантски интеграции, кои беа под закана дека може да бидат ставени во мирување доколку не се постигнеше договор“, вели Божиновски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека верува оти главните обврски од договорот ќе се исполнат.

„Неисполнувањето на главните обврски секако ќе има не само политички реперкусии, но и реперкусии во односот со меѓународната заедница. Кај нас секогаш проблемите се појавуваат во деталите и во тенденцијата на опструкција и на забавување на исполнување на обврските“, додава Муслиу.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG