Достапни линкови

Младински музички маратон или разбивање на стереотипите


Елена Чадлоска.
Елена Чадлоска.

Младински музички маратон е насловен концертот, што во рамките на актуелното Скопско лето, ќе се одржи овој петок, на 17 јули, во 20.30 часот, во Музеј на град Скопје. На ова културно случување чија заложба е засилена промоција на талентираните репродуктивни уметници, со одбрани дела од класичната музичка литература, ќе се претстават македонскиот квартет флејти „Аулос“, вибрафонистката Елена Чадикоска и словенечкиот квартет саксофони „Еутерпа“.

Марија Јакимовска, Ангелина Катмерова Алексова, Тамара Џајковска и Богдана Бушевска се четирите флејтистки кои го чинат квартетот „Аулос“. Станува збор за камерен ансамбл кој на домашната музичка сцена делува во последниве осум години постигнувајќи врвни и впечатливи уметнички дострели.

Подиумот треба да им се отстапи на младите за да тие го покажат својот талент, како се развиваат и колку тој може да биде нивна мотивација. Секој следен настап да ги стимулира да бидат што подобри и што поревносно да работат и да се претставуваат пред поширокиот аудиториум.
Симона Симуновска – селектор на музичката програма на Скопско лето.

Тие, само во изминативе две години, настапувале на Денови на македонска музика, манифестацијата „Калемегдански сутони“ во Белград, на отворањето на Струшки вечери на поезијата и зад себе имаат бројни награди и признанија.

Еутерпа, музички квартет од Словенија.
Еутерпа, музички квартет од Словенија.

Како млад и специфичен состав на флејти „Аулос“ претставуваат извонредна програмска новина на музичката сцена во Македонија и од таму нималку не чуди што мнозина домашни композитори, како Никола Димушевски на пример, им посветуваат дела со идеја да се најдат на нивниот репертоар.

Конечно во 2013 година девојките беа номинирани во категоријата Млади уметници на престижната манифестација „Виртуози“, а во Музеј на град Скопје ќе се претстават со одбир на композиции на Моцарт, Кастереде, Бертоми и нашиот Михајло Бакрнчев.

Родена 1985 година, Елена Чадикоска нижото музичко училиште го завршува на отсек пијано, средното на ударни инструменти во класата на професор Кристијан Христовски, факултет во класата на професор Мојца Седеу, а магистратурата во Софија на Нов Бугарски универзитет кај професор Дејан Павлов на отсекот – Оркестарско и хорско диригирање.

Во текот на својата досегашна уметничка кариера, младата вибрафонистка е добитник на повеќе награди како Специјална награда за виртуоз на изведба на 13-от меѓународен конкурс за инструменталисти и композитори – „Музиката и земјата“, одржан во Софија, соседна Бугарија, Прва награда за камерна музика на Државниот натпревар на учесници и студенти по музика – организиран од Здружението на музички и балетски педагози на Република Македонија и други. Настапувала со Македонската филхармонија, на Денови на македонската музика и на концерти организирани од Факултетот за музичка уметност „Музика Вива“, на хуманитарните концерти како „Светски ден на слепите“ групата „Монистра“ и така со ред.

Првиот солистички концерт како солист на вибрафон, Чадикоска го извела во 2006 година, а љубителите на музиката ја познаваат и како член на етно-групата „Монистра“, перкусионист и втор вокал во „Келтикум“.

Нејзината програма за Младинскиот музички маратон се состои од композиции на Игор Лесник, Дејвид Фридман и Клод Дебиси.

Основан оваа година од студентите на Љубљанската музичка академија под менторство на доцент Дејан Прешичек, квартетот саксофони „Еутерпа“ е израз на желбата на неколкумина млади луѓе за заедничко музицирање и творење музика. Во него членуваат нашиот Иван Трајановски на алт саксофон, Тадеј Шепец на сопран саксофон, Ајда Антолович на тенор саксофон и Домен Корен на баритон саксофон, кои пред себе си поставија големи амбиции во однос на уметничките премрежиња и професионалната кариера. Тие за себе, со насмевка на лицата, знаат да кажат дека се подготвени за сите предизвици и дека токму еден таков е претстојниот концерт во Скопје за кој посегнаа по дела од француските композитори Тиери Есче и Алфред Десекло и славниот Американец Семјуел Барбер.

Во пресрет на овој несекојдневен културен настан, Симона Симуновска – селектор на музичката програма на Скопско лето, вели дека концептот на Младинскиот музички маратон произлегол од бројните апликации за учество што младите инструменталисти постојано ги испраќаат до организаторот на манифестацијата, Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, и не само за актуелниот фестивал, туку вообичаено и за Есенски музички свечености. Вели дека за овие музичари се одлучиле со идеја да ги разбијат стереотипите на класични рецитали, односно формациите како гудачки оркестри и пијано, кои се најмногу застапени во однос на камерната сериозна музика.

„Подиумот треба да им се отстапи на младите за да тие го покажат својот талент, како се развиваат и колку тој може да биде нивна мотивација. Секој следен настап да ги стимулира да бидат што подобри и што поревносно да работат и да се претставуваат пред поширокиот аудиториум“, вели таа.

Симуновска дополнува дека станува збор за формации и за профили на музичари кои што не се многу често застапени кај нас. Потенцира дека квартетот флејти „Аулос“ е една од ретките такви формации. Дека станува збор за девојки и тоа самото по себе на музицирањето му донесува посебен сензибилитет со кој се разликуваат од останатите.

За Елена Чадикоска, којашто свири на вибрафон, вели дека е исто така неверојатно интересен лик на нашата музичка сцена. Дека е интересен профил на уметник – нежна девојка која свири на еден таков голем и гломазен инструмент. Згора на тоа појаснува дека таа од своја страна ќе ни донесе овојпат многу убава, нежна програма која ќе ја отслика нејзината личност и контрастноста со инструментот, сензибилитетот на девојката и грубоста или големината на еден таков ударен инструмент.

Конечно знае да каже дека во овој круг влегува и словенечкиот квартет на саксофони кое е една од ретките такви појави во регионот и кој овде, во Скопје и во Македонија, е по идеја на нашиот саксофонист Трајановски пред кого е убава професионална кариера.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG