Достапни линкови

Лустрацијата се укинува поради критиките од ЕУ


Укинување на Законот и ревидирање на процесот на лустрација беше и едно од главните барања на бриселските експерти предводени од Рајхард Прибе. Владејачките партии со спротивен став. За ДУИ процесот се исполитизирал, а за ВМРО-ДПМНЕ, целта на законот е постигната.

Потегот на власта со предлог-законот за укинување на процесот на лустрација е очекуван и присилен, особено по забелешките во експертскиот извештај на Европската комисија, велат луѓето кои беа опфатени со овој процес. Укинување на Законот и ревидирање на процесот беше и една од главните барања на бриселските експерти предводени од Рајхард Прибе.

Владејачката структура го начека тоа како „кец на десетка“ за да покажат дека еве нешто прават, иако јасно стои во препораката дека се бара преиспитување на процесот на лустрацијата.
Трандафил Ивановски. лустриран поранешен уставен судија.

Поранешниот уставен судија Трандафил Ивановски, кој беше прв на метата за лустрација, вели дека ова е изнуден потег и дека со него владејачките партии само сакаат да покажат популистички оти придонесуваат кон демократизација и се вклучуваат во исполнување на препораките, без при тоа да се посветат на главната препорака а тоа е ревидирање на процесот.

„Владејачката структура го начека тоа како „кец на десетка“ за да покажат дека еве нешто прават, иако јасно стои во препораката дека се бара преиспитување на процесот на лустрацијата, тоа значи целосно преиспитување со укажување да се укине законот, место да постапат како што е препораката тие одат на линија дека еве процесот на лустрација бил успешно спроведен дошло време да сопре“, вели тој.

Имајќи го предвид и укажувањата од Европската комисија, експертската екипа на Европската комисија, сметавме дека треба да ја оттргнеме една од причините на конфликтната ситуација по однос на тоа како се одвиваше процесот.
Талат Џафери, ДУИ.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери, кој заедно со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, го предложи укинувањето, вели дека причината за укинување на овој процес е во неговата исполитизираност.

Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти.
Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти.

„Практичната реализација на процесот на лустрацијта се исполитизира како таков и создаде многу конфликтна ситуација во државата. Имајќи го предвид и укажувањата од Европската комисија, експертската екипа на Европската комисија, сметавме дека треба да ја оттргнеме една од причините на конфликтната ситуација по однос на тоа како се одвиваше процесот“, рече тој.

Цениме дека процесот траеше сосема доволно, иако задоцнет, беше позитивен процес кој беше во насока на расчистување со некои последици од минатото.
Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери додава дека не е убеден оти со лустрацијата е постигната целта, односно целосно расчистување со процесот. Неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, пак, вчера истакна дека процесот бил успешен.

„Цениме дека процесот траеше сосема доволно, иако задоцнет, беше позитивен процес кој беше во насока на расчистување со некои последици од минатото“, вели Димовски.

Процесот на лустрација во изминативе години беше проследен со многу контроверзии. Опозицијата постојано обвинуваше дека тој се врши селективно и дека се користи како алатка за пресметување со политичките неистомисленици. Низ филтерот на лустраторите досега поминале околу 30 илјади лица, а на ѕидот на срамот беа поставени 199 луѓе за кои Комисијата тврдеше дека се кодоши. Во процесот на лустрација досега беа опфатени истакнати личности, познати како критичари на власта. Режисерот и поранешниот прв човек на фондацијата Отворено општество, Владимир Милчин, поранешниот министер за внатрешни и надворешни во владите на СДСМ Љубомир Фрчкоски, како и неговиот колега од тоа време, поранешниот министер за култура, Ѓунер Исмаил и главната уредничка на „Фокус“ Јадранка Костова.

Меѓу лустрираните се најдоа и мртви луѓе. Најголемо внимание во јавноста предизвика кога се лустрираше писателот Славко Јаневски. Но, во извесен период внимание привлекоа и досиејата кои никнуваа по дворови како Ибар, Вујко, Стрелец, за кои наводно се тврдеше дека се за челниците на ДУИ, а комисијата не сакаше да ги разгледа, затоа што биле фотокопии. Законот беше и неколку пати оспоруван пред Уставниот суд, за потоа повторно со нова форма, а иста суштина да стигне на маса на лустраторите.

Се очекува пред заминувањето на пратениците на одмор предлогот да биде ставен на пленарна седница и без поголеми проблеми да се изгласа. Се предвидува законот да почне да важи од 1 септември. Со тоа ќе престане и мандатот на Комисијата за верификација на фактите, а вработените ќе бидат префрлени во Министерството за информатичко општество и администрација.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG